Гуски во магла

Кога експресно ќе добиете „одговор“ на тезата за ветото на источниот ни сосед како БЕЗБЕДНОСЕН ПРОБЛЕМ – не само за нас туку пред се’ за НАТО, па и ЕУ, ако баш сакате – и тоа од никој друг туку од директорот на Агенцијата за разузнавање, тогаш тоа можеби не мора да се земе како неприкосновено „вјерују“, но секако мора да се респектира. Иако, во она што го вели директорот – а вели дека „Односите со Бугарија не се безбедносно прашање. Бугарија е наш сојузник во рамките на НАТО и оттука имаме одлични односи со бугарските цивилни безбедносно-разузнавачки агенции. Ние како Агенција ги делиме истите стратешки определби и интереси со бугарските агенции и заеднички се справуваме со асиметричните и хибридните закани“[1] – има прилично „тенки места“ и многу прашалници. На пример, ако „ Бугарија е наш сојузник во рамките на НАТО (…)“, а тоа НАТО како безбедносна структура го поддржува нашиот влез во Европската унија и започнувањето на пристапните преговори, зарем таа Бугарија, како „наш сојузник“, не ги игнорира (да не употребам безобразен збор!) општите интереси/стремежи на тоа НАТО? И поедионечните интереси/стремежи на една членка на НАТО и нејзина сојузничка? И зарем тоа не отвора идни посериозни кавги на релацијата Скопје-Софија, коишто пак можат да се прошируваат и на регионот (како што веќе констатираше Грција, исто така наша сојузничка во НАТО)? И ако имавме за премиер онаков шарлатан како оној бившион кого го плашеле со Бугарија, или не дај боже како овој неурамнотежен Жмицко, или едокојаси друга будала… каде се’ може да не’ однесе еден таков конфликт? И ви текнува што, на пример, направија оние две такви шушумиги со „случајот Тајван“ и каде ја однесе тоа Македонија? Или треба да не’ утеши фактот дека „(…) имаме одлични односи со бугарските цивилни безбедносно-разузнавачки агенции (…)“? Можеби тоа е суштината, мора да му се верува на човек на позицијата директор на Агенцијата за разузнавање! Но, ако тие имаат одлични односи, каде е тогаш проблемот?

Сепак, останува второто прашање од сетот прашања за нашиот однос кон „бугарскиот проблем“: ако уште пред повеќе од две недели американскиот Стејт департментот објави дека САД ги повикуваат „Скопје и Софија да го решат спорот надвор од пристапаните преговори“[2], што пак подоцна беше зацементирано и со писмото од помошникот државен секретар на САД Филип Рикер со речиси истите формулации, плус зајакнати со зборовите дека „Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ“, тогаш што повеќе ни треба?[3] Поточно, зошто Македонија некако одлесно се однесува кон оваа поддршка и продолжува со убедувања со Софија за тоа што било прво – кокошката или јајцето? Малку повнимателните читачи ќе забележат дека Рикер воопшто и не и’ се обраќа на Бугарија или на некој нејзин функционер со некакво барање или (не дај боже) молба. Тој ги апострофира Скоје (Северна Мкедонија) и ЕУ како клучни во овој процес, но не и Бугарија! И што тогаш не ни е јасно?

Се разбира дека не верувам дека некој во македонската висока политика смета дека Бугарија е поголем и поважен фактор од САД и ЕУ. Ама останува нејасно зошто ние продолжуваме да се исцрпуваме со „преговори“ коишто не водат никаде наместо да играме на сигурните карти на овие два фактори. Не велам дека тоа не го правиме, но велам дека јавноста не знае дали тоа го правиме! И ако тоа се држи во тајност – а не треба, барем не ваква целосна конспирација – тогаш се нормални реакциите за состојбите, па и мојава реакција, бидејќи останува впечатокот дека лутаме како гуски во магла а светот ни посочува видливи насоки.

Од друга страна, претпоставувам што е најголемиот проблем во овој спор. Тоа е, за жал, разнишаната меѓусебна доверба. И оттука е (делумно) разбирлив напорот на Владата и премиерот да одржат какви-такви односи – пред се’ политички а потоа и економски – со источниот сосед. Така и треба, делумно. Но тоа што е неповратно упропастено, не по наша вина, е – упропастено! И ќе биде уште долго време, тоа не се поправа преку ноќ, народот тешко заборава. Ако до денес не го заборавиле периодот 1941-1944, и ова толку ќе трае. За жал. Затоа, ако нашите патишта веќе систематски соседот ги поплочува со неразумни барања, дали привремено или не останува да се види, тогаш сепак имаме обврска барем да ги ползуваме вистинските чекори што ни ги нудат другите.


[1] Александар Дамовски, Еролд Муслиу: Бугарија не е безбедносно прашање, mkd.mk, 02 декември 2020

[2] Стејт департмент: Скопје и Софија да го решат спорот надвор од пристапните преговори“, а1on.mk, 18.11.2020

[3] Рикер со охрабрување до Скопје и ЕУ да се бара решение за билатералните прашања надвор од интеграцијата во ЕУ, Радио Слободна Европа, ноември 29, 2020

Златко Теодосиевски

Извор

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close