Густ чад и силен ветер го отежнуваат гаснењето на пожарот во Јасен! „Пожарите се подметнати
Густ чад го оневозможува гаснењето од воздух на пожарот во ловиштето „Јасен“, кој четврти ден се обидуваат да го стават под контрола екипи со хеликоптери, ер трактори и припадници на Армијата и МВР. Во текот на ноќта успеаја да изгаснат една од линиите над патот и да спречат огнот да навлезе во боровата шума.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пламените јазици зафаќаат стрмни и тешко пристапни делови, каде што на одредени места човечкиот пристап е невозможен. Утрово повторно се активира дел од пожарот на сртот, каде што се испратени екипи за да го запрат ширењето.
„Од долната страна на патот, од капијата на ‘Јасен’ кон езерото Козјак, состојбата е многу лоша. Има густ чад и видливоста е мала, особено за леталата, па затоа не можеме да дејствуваме од воздух. На терен, покрај екипите на АРМ и МВР, има и тимови од ‘Јасен’ и ‘Национални шуми’, повеќе специјални возила и цистерни, а од вчера помагаат и пожарникари од Кавадарци со две возила,“ изјави Ангелов.
Освен во „Јасен“, активен пожар има и во општина Сарај, од селото Радуша кон Дворце, каде што гори ниска вегетација. Во моментот не е закана, но може да се прошири кон планината Жеден. Во атарот на селото Крапа, во Македонски Брод, гори ниска вегетација и нискостеблеста шума.
Во последните 24 часа се регистрирани 33 пожари на отворен простор, од кои три сè уште се активни, два се под контрола, а 28 се изгаснати. Ангелов посочува дека дел од пожарите се подметнати, бидејќи бројот од вчера повторно е многу висок, а дополнителен проблем претставува и силниот ветер