Гутереш на вонредна седница на СБ на ОН: Војната во Украина се заканува да излезе од контрола

Обединетите нации синоќа предупредија на опасната ескалација на војната во Украина поради бранот големи руски напади и заканите за понатамошни напади, а генералниот секретар Антонио Гутереш изјави дека „спиралата на смртта мора да се запре“.

ОН на својата веб-страница објави дека, во говорот на вонредната седница на Советот за безбедност во Њујорк, Гутереш рече дека последните напади на Русија на 23 и 24 мај – заедно со нејзиното најавување за нови – ја истакнаа „сериозноста на овој момент“.

„Моменталниот курс не е одржлив“, рече тој и истакна дека „оваа траекторија мора да се промени“.

Гутереш предупреди дека интензивираната војна се заканува да излезе од контрола, наведувајќи ги опасностите од погрешните пресметки и „непознати и ненамерни последици“.

„Сега е потребна деескалација – итна и одржлива“, рече генералниот секретар. „Тоа што сега е потребно е целосен и безусловен прекин на огнот“.

Итниот состанок се одржа во услови на растечка загриженост за зголемувањето на цивилните жртви и континуираните напади врз цивилната инфраструктура и во Украина и во Русија.

Според Канцеларијата на ОН за човекови права (OHCHR), повеќе цивили биле убиени или ранети во Украина во текот на првите четири месеци од 2026 година отколку во истиот период во 2025 година. Канцеларијата потврди 815 цивилни жртви и 4.174 ранети од почетокот на годината до крајот на април.

Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, ги повика двете страни да се вратат на преговорите и наведе неколку неодамнешни напади кои предизвикаа големи цивилни жртви, вклучувајќи го и рускиот напад врз станбена зграда во Киев претходно овој месец, во кој се смета дека загинаа 24 цивили.

Тој се осврна и на украинскиот напад врз интернат во градот Старобилск, окупиран од Русија, во кој, според руските власти, 21 лице било убиено, а 44 биле ранети.

Гутереш повика на обновени дипломатски напори за постигнување „праведен, траен и сеопфатен мир“ во согласност со Повелбата на ОН.

„Изборот е јасен. Одговорноста е јасна. Време е за мир“, рече тој.

Back to top button
Close