Гувернерката на американските Федерални резерви најави дека ќе го тужи Трамп поради закана за отказ
Гувернерката на Федералните резерви (Фед), Лиса Кук денеска соопшти дека таа и нејзиниот адвокат подготвуваат тужба против претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, поради, како што наведува, незаконски обид да ја смени од функцијата.
– Претседателот Трамп тврдеше дека ме отпуштил поради одредена причина, иако според законот не постои таква причина, а тој нема овластување да го стори тоа, соопшти Кук и додаде дека нема да поднесе оставка.
Трамп во писмо објавено на својата платформа „Трут Соушал“ наведе дека ја сменува Кук поради обвинувања дека извршила хипотекарна измама во 2021 година.
Адвокатот на гувернерката рече дека обидот на Трамп да ја отпушти Кук нема никаква фактичка или правна основа.
Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис рече дека Кук е првата Афроамериканка која служела во Одборот на гувернери на Федералните резерви, како и дека Трамп се обидува да ја отстрани без никаков веродостоен доказ дека направила нешто погрешно.
Други пратеници во Конгресот го осудија чинот на Трамп како „расистички, мизогинистички и незаконски“, пренесе Бета.
Отпуштањето на Кук од страна на Трамп би можело да ја загрози политичката независност на Федералните резерви, кои имаат голема моќ над американската економија.