Гувернерот на Минесота: Трамп се согласи да размисли за намалување на бројот на федерални агенти

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, денеска изјави дека претседателот Доналд Трамп се согласил да размисли за намалување на бројот на федерални агенти во државата и дека ветил оти ќе разговара со неговиот Оддел за внатрешна безбедност за да се осигури дека државните службеници можат да го истражат пукањето што се случи во саботата, објавија американските медиуми.
Двајцата службеници разговараа денеска по телефон, а Трамп оцени дека тоа бил „добар разговор“.
Неговиот коментар претставува значајна промена во тонот од претседателот, кој постојано ги критикуваше демократските службеници на Минесота, објави Си-Ен-Ен.
Според канцеларијата на гувернерот на Минесота, Волц му рекол на Трамп дека „потребна е непристрасна истрага за пукањата во Минеаполис во кои се вклучени федерални агенти и дека бројот на федерални агенти во Минесота мора да се намали“.
Канцеларијата на Волц, исто така, соопшти дека претседателот се согласил да разговара со Одделот за внатрешна безбедност за да „се осигури дека Бирото за кривични истраги на Минесота може да спроведе независна истрага, како што инаку би го сторило тоа“.
Волц рече дека Трамп, исто така, се согласил да размисли за „намалување на бројот на федерални агенти во Минесота и соработка со државата на покоординиран начин за спроведување на законите за имиграција против насилни криминалци“.
Според Си-Ен-Ен, Трамп ги повика Волц и градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, да соработуваат повеќе, како и да ги „предадат“ сите недокументирани имигранти во федерален притвор.
„Гувернерот го потсети претседателот Трамп дека Одделот за корекции на Минесота веќе ги известува Службите за имиграција и царина кога лицето ставено во нивен притвор не е државјанин на САД“, соопшти канцеларијата на Волц.
Федералните агенти за имиграција во Минеаполис го убија демонстрантот Алекс Прити во саботата, а друго убиство се случи на 7 јануари кога ја застрелаа 37-годишната Рене Гуд.






