„Хјуман рајтс воч“ ги осуди и американската блокада и органичувањето на слободите на Куба

Меѓународната невладина организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) ги повика Вашингтон и Хавана да „го променат курсот“ поради влошувањето на економската и социјалната криза во Куба, критикувајќи ги притоа и американските санкции и ограничувањата на слободата на изразување на Островот.
Во документот насловен „Buscando vida“ („Барајќи начин да преживеат“), Организацијата наведува дека нафтената блокада што Вашингтон ја воведе од јануари „ја продлабочува енергетската криза во земјата“, влошувајќи го електро и водоснабдувањето и отежнувајќи го функционирањето на јавните услуги.
„Тоа го нарушува речиси секој аспект од секојдневниот живот, додека влошените услови за живот ги принудуваат многу Кубанци секојдневно да се борат за опстанок“, се наведува во документот објавен на веб-страницата на Организацијата.
Според „Хјуман рајтс воч“, покрај чекањето да се обноват снабдувањето со струја и вода поради честите прекини, многу Кубанци поминуваат голем дел од денот барајќи храна, извор на приходи и лекови. Организацијата се повикува на извештај изготвен од нејзин член кој минал подолг период на Куба разговарајќи со локалното население.
Во исто време Организацијата додава дека, и покрај тешките услови за живот, „Кубанците не се слободни да го изразат своето незадоволство“, бидејќи властите ги приведуваат оние што јавно зборуваат против состојбите во земјата. „Хјуман рајтс воч“ проценува дека на Куба има околу 800 политички затвореници.
„Ниту политиката на кубанската Влада, ниту политиката на американската Влада не треба да ги попречуваат обичните Кубанци да обезбедат основни продукти како храна или лекови, ниту слободно да зборуваат за условите во кои живеат“, се наведува во извештајот.






