Хакиран серверот на Државниот завод за ревизија — од имејлот на директорот се испраќаат измамнички пораки низ Македонија

Хакиран е серверот на Државниот завод за ревизија и од официјалната е-адреса на директорот на Заводот, Максим Ацевски, се испраќаат фишинг, измамнички пораки на електронски пошти низ цела Македонија, но и на соработници на Заводот низ целиот свет.

Оттаму предупредуваат да не се отвораат пораките и дека Информатичкиот сектор е запознат и работи на проблемот, а случајот бил пријавен и во Министерството за внатрешни работи. Веб страница на Заводот засега е во функција, со оглед на тоа што на неа речиси секојдневно се објавуваат ревизорски извештаји за институциите во кои се нотираат низа неправилности.

Пред неколку дена Министерството за внатрешни работи предупреди дека во изминатиот период се забележани фишинг измами преку лажни СМС пораки, електронска пошта, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.

Како што информираат од МВР, измамниците испраќаат пораки кои лажно се претставуваат како известувања од Одделот за моторни возила или од системот „Безбеден град“, при што граѓаните се пренасочуваат на лажна интернет-страница за да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.

Back to top button
Close