Хамас е подготвен управувањето со Појасот Газа да го предаде на независен комитет

Палестинската група Хамас денеска соопшти дека е подготвена да го олесни префрлањето на административните одговорности во Појасот Газа на независен комитет, нагласувајќи дека не планира да биде дел од никакви идни аранжмани за управување со енклавата.

Портпаролот на Хамас, Хазем Касем истакна дека групата чека да се формира комитет од независни експерти за надзор на управувањето со Појасот Газа во различни сектори. Тој повтори дека предлогот веќе добил поддршка од Хамас и други палестински фракции.

Изјавата на Хамас уследи откако  израелскиот  портал „Тајмс оф Израел“ (Times of Israel) објави дека се очекува американскиот претседател Доналд Трамп следната недела да ја претстави втората фаза од својот предлог за Појасот Газа, и покрај наводните резерви на Израел.

Трамп на 29 септември 2025 година претстави план од 20 точки за прекин на огнот во Појасот Газа. Предлогот вклучува прекин на огнот, ослободување на израелските заложници, повлекување на Израел од енклавата, формирање на технократска администрација и распоредување на меѓународни стабилизациски сили, заедно со повик за разоружување на Хамас.

На 18 ноември 2025 година, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои резолуција поддржана од САД, која дозволува распоредување на привремени меѓународни сили во Појасот Газа до крајот на 2027 година за зачувување на стабилноста под унифицирана команда одобрена од СБ на ОН.

Според палестинското Министерство за здравство, од 10 октомври минатата година, кога стапи во сила примирјето, израелската армија речиси секојдневно го прекршуваше договорот за прекин на огнот, при што загинаа 424 Палестинци и повредени се 1.189 други луѓе

Прекинот на огнот ја запре двегодишната израелска војна во која беа убиени речиси 71.400 Палестинци, претежно жени и деца, а повеќе од 171.200 луѓе беа повредени, а палестинската енклава е разурната.

Back to top button
Close