Хамас: Санкциите на САД против известувачот на ОН за Палестина се доказ за пристрасност кон израелските злосторства
Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека воведувањето санкции од страна на САД против специјалниот известувач на ОН за човекови права на палестинските територии, Франческа Албанезе, претставува израз на очигледна пристрасност на американската администрација кон, како што наведе, воените злосторства на Израел.
– Казнените мерки што САД ги презедоа против институциите и поединците кои ја вршат својата професионална и морална улога во војната на истребување во Појасот Газа, а неодамна и против Албанезе, ги поткопуваат темелите на меѓународното и хуманитарното право и ги поттикнуваат водачите на воените злосторници на израелските окупатори да продолжат со своите брутални злосторства, наведе Хамас во соопштение објавено на Телеграм, пренесе Ал Џезира.
Хамас ја повика американската администрација да ја промени својата политика, со која, како што наведе, „се позиционира како де факто учесник во кампањите за убивање деца и жени и уништување на цивилниот живот во Појасот Газа“.
Соединетите Американски Држави вчера воведоа санкции против специјалната известувачка на Обединетите нации за човекови права на палестинските територии поради нејзините напори Меѓународниот кривичен суд да преземе мерки против американски и израелски функционери, компании и нивни раководители поради кршење на човекови права во Газа, соопшти американскиот државен секретар Марко Рубио.
Одлуката на Стејт департментот за санкционирање на Албанезе следеше откако пропадна неодамнешната кампања на САД да ги принудат ОН да ја отстранат од функцијата. Албанезе, адвокатка за човекови права, гласно повикуваше на ставање крај на она што го опишува како „геноцид“ кој Израел го спроведува врз Палестинците во Газа, додека и Израел и САД, кои пружаат воена поддршка, силно го негираат тоа обвинување.