Хамнеи: Иран е подготвен да одговори на секој нов напад
Иран е подготвен да одговори на секој нов вооружен напад, изјави денеска иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, додавајќи дека Техеран е способен за потежок удар врз своите непријатели од оној што им го нанесе за време на 12-дневната војна со Израел.
-Фактот дека нашата нација е подготвена да се соочи со моќта на САД и нивното куче на поводник, ционистичкиот режим, е за пофалба, рече Хамнеи во изјава емитувана на државната телевизија.
Израел и САД нападнаа ирански нуклеарни објекти минатиот месец, тврдејќи дека тие биле дел од мерките против развојот на нуклеарно оружје од страна на Иран. Техеран вели дека неговата нуклеарна програма е за мирни цели.
-Базата нападната од Иран е исклучително чувствителна американска база во регионот, рече Хамнеи во врска со иранскиот ракетен напад врз американската воздухопловна база Ал Удеид во Катар. „Потежок удар може да им се нанесе на САД и на другите земји“, истакна ајатолахот.
Иран е под притисок да ги продолжи преговорите со САД за неговата нуклеарна програма. „И на дипломатскиот и на воениот фронт, секогаш кога се појавуваме на сцената, ние сме подготвени, не се појавуваме од позиција на слабост“, рече Хамнеи. Тој ги повика дипломатите да се придржуваат кон „насоките“ и да продолжат енергично да работат, без да навлегуваат во детали.
Севкупно, врховниот лидер не ја исклучи дипломатијата во услови на воени тензии и спорот околу нуклеарната програма.
-Ги имаме сите потребни средства како што се знаење и воена моќ, истакна Али Хамнеи во својот говор денеска.
Иранскиот парламент излезе со став дека земјата не треба да ги продолжи нуклеарните преговори со Соединетите Држави додека не се исполнат одредени предуслови.