Хан: Несериозно е да се дава точен датум кога некоја земја кандидат ќе стане членка на ЕУ

Несериозно е да се дава точен датум кога некоја земја кандидат ќе стане дел од Европската Унија, рече еврокомесарот за буџет Јоханес Хан во вечерашното интервју за ТВ Телма.

Според еврокомесарот прашањето „кога“ е чувствителна форма, бидејќи, како што истакна, тоа зависи од напредокот кој ќе го остварат државите кандидатки.

Говорејќи околу ова прашање тој рече дека тоа што и понатаму е јасно и сè уште валидно, а ќе биде и во иднина, е дека целиот процес на проширување е заснован на заслуги.

„Тоа значи дека ако државата исполнува, треба да ги добие и заслугите за тоа. Затоа не чекаме сите да бидат подготвени за пристапување, туку ако некоја држава порано биде подговена, тогаш така треба да биде. Во случајот со Северна Македонија, таков е впечатокот кој го добив и по денешните дискусии, исто така и сите информации кои ги слушнав и прочитав, Северна Македонија постигнала прилично голем напредок на нејзиниот пат кон ЕУ. Затоа, мислам дека треба да бидеме оптимисти, мислам дека е реално остварливо Северна Македонија да ѝ се приклучи на Унијата во следните неколку години. Но, да се даде точен датум е несериозно“,вели Хан.  

На прашањето кој повеќе потфрли во девизата „ако вие испорачате и ние ќе испорачаме“ – земјава или ЕУ, еврокомесарот за буџет и администрација, рече дека никој не е совршен и оти ги критикува и земјите членки на Унијата, бидејќи, како што вели, имало ситуации кога Северна Македонија го завршила својот дел, но тоа не било соодветно наградено.

Еврокомесарот за буџет и администрација е посета на земјава, каде денеска имаше свое обраќање Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ).

На Форумот тој рече дека Северна Македонија е на одличен пат кон ЕУ и испрати порака до сите политички сили во земјата да соработуваат.

„Ова е тимска задача, треба да играте како национален фудбалски тим, а не како шампионат на поединци. Треба заедно да работите, инаку нема да бидете успешни“,рече тој во обраќањето на СЕФФ. 

Back to top button
Close