Хардаљас: Зголемениот број случаи на Ковид-19 во Грција не се должи на туризмот
Од вкупниот број позитивни случаи од 1 јули, 17 отсто се кај туристите во Грција, а останатите 83 проценти во внатрешноста на земјата, изјави заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, истакнувајќи дека зголемениот број случаи не се должи на туризмот, јави дописничката на МИА од Атина.
– Одговорен е туризмот за нагорниот тренд на случаи што се забележува во нашата земја? Одговорот е категорично не. Прво, бидејќи врз основа на системот ПЛФ, што сите туристи, без исклучок го пополнуваат и во светот прва го воведе Грција за да спроведуваат конкретни тестирања, регистрираните позитивни увезени случаи се 615 од 319.379 направени анализи на влезните точки во земјата од 1 јули, а преку кои влегоа вкупно 2.592.853 лица. Овие 615 случаи претставуваат 17 отсто од вкупните 3.666 регистрирани случаи од 1 јули до вчера. Ова значи дека 83 проценти од случаите се во внатрешноста, рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција.
Паралелно, соопшти дека се подготвуваат специјални протоколи за оние кои ќе се вратат на работа по летните одмори, како и за отворањето на училиштата и за почетокот на учебната година.
На денешната прес конференција, Хардаљас и заменик-министерот за здравство Василис Кондозаманис, категорично демантираа дека во земјата се кријат позитивни случаи или пак дека не се соопштуваат случаи.