Хазари

Не почитувани читатели не изчезнав како Хазарите.Најтешко е да се пишува за она што не постои како народот од насловот, а и за мојата омилена тема – нашата дипломатија која е на најдобар пат да исчезне, макар што се сомневам дека некогаш и постоела. Хазарите исчезнаа откако го изгубиа јазикот, а религијата се стопи во христјанството, исламот и хебрејството. По легендата Каган, хазарскиот владател во деветиот  век сонил сон. Замолил три филозофи од различите страни на светот да му помогнат во толкувањето на сонот. Така со толкувањата на исламскиот, еврејскиот и христјанскиот филозоф (Константин – Ќирило), настанала и сагата за Хазарите, која денес се актуелизира со настаните на дел од територијата на некогашното големото хазарско царство. Експертите на теориите на завери во сегашните  актери на војната во Украина, се обидуваат да препознаат претопени Хазари во јудаизмот.  Но, зошто изчезнува и нашата дипломатија, а со то е дел на нашиот идентитет. Нашиот МНР е лекар ама до сега не ја поставил вистинската дијагноза за овој процес, што впрочем и не  е лесно. Тоа не му пречи постојано да ја глорифицира нашата надворешна политика. Во МНР на СРМ такви анализи нема кој да прави, а Институти не консултира и испраќа консензуални амбасадори да ни ја оправаат работава. И од нив (амбасадорите) нема фајда. Во ова време на невреме посебно не е лесно да се дефинира момент на вистината кој секако се најавува со новата геостратешка политика, со која  малите држави и приучените лидери и дипломати ќе бидат првите жртви. Во меѓународните односи сме докажано дипломатски инфериорни. Ајде малку за причините и тоа во триесет слики, секоја за по една година од нашата виртуелна независност. Имајте трпение до последните неколку реченици во кои ќе се уверите во моите кумулативни хипотези.

Немаме државотворна ДНК. Осакативме национални симболи. Сменивме име, грб и знаме под влијание од надвор. На ред е дополнување на преамбулата на Уставот. Мислевме дека кротко јагње од две мајки цица.Останавме гладни и жедни. Хиените од около се нафрлија.

Не проектиравме граѓанско општество кое после колапсот со мултиетничност  го прогласивме како општество за сите, знаејки дека тоа е општество на привилегираните.

Патот кон  синтагмата општество за сите водеше кон “демакeдинизација” на државата

спроведувана не само од нашите соседи.

Ги пренабрегнавме тектонските потреси на геостратешкиот план како падот на  Берлинскиот ѕид пред триесетина години, така и сегашното ново мешање на геостратешки карти. Ние сме во таа игра без адути.

Не знаевме што е надворешна политика бидејќи никогаш не сме ја ни имале како држава. Тоа е голем недостаток во однос на соседните држави, дури и во споредба со западниот сосед, со презиме на претседателот кој ме потсетува на марка на маргарин кој во се меша.

Историјата , во обидите за креирање надворешната политика, погрешно ја толкуваваме, односно злоупотребуваме и ден денес. Шлаканците редовно ги добиваме во едниот образ, а потоа го вртиме и вториот.

Главна преокупација ни беше да се спасиме од третата балканска војна и останеме оаза на мирот. За кратко ни успеа додека водата не ја заматија од северозапад. После ја избистрија дури станаа и еколошка партија која редовно го котролира квалитетот на водата (владата со мнозинство министри и прв заменик на премиерот).

Јакнење на институциите никогш не бил приоритет.Институции бараат експерти. Ние вработуваме политички аргати во алгортитмот (израз на арапскиот математичар Мохамед ибн Муса Алхаризми) договорен кај партиските поглавици за време на лидерските  традиционални средби, кои секогаш завршуваат со проектиран неуспех.

Партиите од почеток ни се хибридни, недефинирани, самопрогласени наследници на некои поранешни организации или партии, со несоодветни имиња, а некои партии после 20 години конечно обелоданија која им е програмата (сегашните преобразени екологисти).

Основна цел на партиите не е државен интерес, не е ниту партиски туку личен.Неуспесите не се санкционираат. Тоа ги охрабрува до мера да исчезнуваат од државата како Д.Коперфилд. Другите користат правен термин-застарување на делото. И тоа функционира. Главен критериј за успешен член е колку гласови обезбедува на изборите. Тие живееат во сегашноста.Иднината им ја определуват други.

Невладините организации не се во функција на демократизацијата, туку за збринување на  рептилите.

Регионалните соработки воглавно наметнати не ги препознавме на време и не им ја прочитавме намерата. Задоцнивме со формирање на Балканска ЦЕФТА, а во 2020 го одбивме предлогот за членство во Европска економска зона, после предлогот за новата методологија на Макрон во врска со проширувањето на ЕУ.

Во нив се вклучуваме со задоцнување до мера на нивно распаѓање. Судбина што може да ја доживи и ЕУ, пред ние да станеме членка.

Редовно учествуваме на сите меропријатија кога треба и кога не треба, што ни се книжи како активност. Профитираат единствено авио компаниите и хотелите.Добро де, тука се и дневници.

Добри сме домаќини на средбите во регионалните соработки. Бенефитот е најчесто невидлив. Членки сме дури и во оние во кои географски не припаѓаме. Тоа не ни пречи.

Не разбираме дека ЕУ е голема бирократска организација на вработени од сите европски држави чии што чиновници многу добро го користат буџетот на ЕУ.Најголем дел од високите чиновници исчезнуваат по мандатите. Се сеќавате ли уште  на комесарот Хан?

Не ја прочитавме основната функција на секретаријатите (администрацијата) во меѓународните организации. Посебно на онаа во Њујорк, Брисел и Стразбур.

Долго време нашиот прв  министер за надворешни работи беше голаб писмоноша на претседателот на државата на  линија Скопје-Њујорк, пред се.

Потоа министрите за надвор ги зголемија дестинациите и фреквенцијата на летовите до ниво на добивање на ткн. златни карти после исполнување на високите километражи проведени во воздухот.

Меѓународните органицации не се исповедилници во храмовите на европските метрополи во кои секојдневно нашите политичари трчаат. Не треба да бараме милост или простовување. Нашите грешки дома не се санкционираат, ама надвор не се простуваат.

Многу не профитиравме од регионалните соработки. Зато сметавме дека Преспанскиот договор се ќе надомести. Тој беше неопходно потребен. Одигравме аматерски како и во процедурата за прием во ОН кој секако требаше да се случи, ама не со кршење на нејзината повелба. За МНР во тоа време имавме Др по меѓународно јавно право (додуше докторатска тема беше  “Демократија во САД”) кој веројатно знаеше и за членот 4. од Повелбата.

Разговорите околу името ги водевме итерпеовски , аматерски, неконтинуирано, често со големи прекини, со промена на единаесет министри за надворешни работи, со неконсултирање на валидни институции. Му верувавме на адвокатот од Њујорк, стамен медијатор на ниво на американскиот легендарен носач на авиони који носи исто име.

Беше јасно дека името ќе биде сменето поради нашите слабости,пред се дипломатски. Но начинот на кој тоа е направено е за нас понижувачки.

Членството во НАТО не е доволна сатисфакција. Стратегијата ни ја напиша еден пензиониран германски адмирал. Богато беше награден.Тоа го сакаше Америка и сега се покажа  зошто тоа  било потребно. Членство во НАТО беше опсесија и на албанскиот корпус од познати причини.

После 2001 надворешната политика е консензуална. Повеќе се води сметка за внатрешна  кохезија и покажување на степенот на мултетничоста, отколку за државните интереси.

Сеуште веруваме дека со соседите имаме добри односи, а немаме. Тие не се подобриа  и со историските договори од Нивици и договорот за пријателство со Бугарија. Првиот многу години е квачен, а снесено јајце беше смутка, која ние моравме да ја изедеме, уживајќи во нејзината арома и величајќи ги потписниците и актуелните премиери, сега веќе поранешни.

Договорот за пријателство е типичен производ  на играње во цајтнот. Владата мораше да покаже успех во регулирање на односите со соседите. Окуражена од подршката што од ЕУ и Америка го потпиша Договорот во Нивици чиј текст не би потпишале ниту студенти на прва година на Правниот  факултет. Тој договор стана основа за бугарското ступидно вето и сите досегашни билатерални  надмудрувања и нереални очекувања некој да ни го реши проблемот. Веќе напишав ние не можеме  сами да решиме ниту еден проблем без медијаторство. Од досега познатото тие решенија се по правило не се во наша полза.

Најновите геостратешки позиционирања секако се дел на нашата прокламирана припадност или членство во единствениот милитарен сојуз. И тука нема бегање.Одлуките на НАТО и ЕУ ги почитуваме. Не треба да претерување со сервилноста и непотребното истрчување. Тоа ништо посебно не ни носи. Само неизнудена грешка која не го корегира резултатот на подобро.

Независните медиуми и принципиелните НВО го подржуваат ваквото определување, кое е легитимно и логично.

Сценографијата е позната и главните актери на сцената. Суфлери има колку сакате скриени зад кулисите. Епизодни глумци посредуваат со формално издржливи аргументи.

Нашите  воени и цивилни експерти даваат анализи небаре седат во Главниот штаб на Министерот Шојгу и заедно ги гледат мапите на  освоените територии, кои секако ќе бидат основа за мировните преговори. Дават прогнози  за  војната во Украина со Русија, како да таа тема е на ливчињата на  кладилници со висок  коефициент.

Зачестените посети на сите посредници на Западниот Балкан не само поради демократизација на Регионот, туку и поради војната во Украина, ние ги  толкуваме како интерес на стратешкиот партнери и ЕУ за нашиот напредок кон ЕУ.

Забораваме дека ЕУ има многу други поважни приоритети. Лични, структурални, буџетски и секако институционални и дека нивен приоритет  е иднината на Европа при што е неизвесно кој е лидерот кој тој процес ќе го предводи. Едниот се наметнува визионерски, вториот повеќе наликува на средновековен европски  алхемичар. И двајцата се сега насочени кон  Регионот на Западен Балкан. Првиот ја заобиколува нашава земја, вториот канцелар, често е на Западниот Балкан и доаѓа секогаш како  предвесник  на  постигнување на некое решение.Во Белград не помина најдобро, а неговите изјави во Скопје и Софија не се  поклопуваат.

Не треба со леснотија да се отфрлуваат идеи како онаа на Е.Макрон, како модус за премостување  до членството во ЕУ, како што направивме во 2020 со понудата за членство во Европската економска зона. Аргумент немавме, сем суетата. Вчера претседателот Пендаровски  во разговор со Ш.Мишел (Форум Преспа), претседателот на Европскиот совет, ретерира во врска со најновата идеја за создавање на “Европска политичка заедница” нагласувајќи дека е добра, ама не треба да биде замена на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

За малку да ги заборавам нашиве амбасадори кои спектаклуларно заминаа  на гурбет. Нивниот ракопис изчезнува како да е напишан со невидливото мастило. Нема никаков абер од нив. Посебно се очекува многу од новиот Шеф на Мисијата при ОН, поранешен МНР, посебно со најновита шпекулација да наводно Секретаријатот на ОН се обидува со интерна директива придевката “македонски”, која во овој случај се однесува зa јазикот, да се избегнува, макар што на официјалниот сајт на Секретаријатот стои “македонски  јазик”.Ова не прв пат.

Од посетата на канцеларот Шолц  најповеќе profitira Приштина, бидејки Шолц токму во Приштина ја изнесе познатата германска синтагма “меѓусобно признавање” на Србија и Косово(наместо американската верзија “нормализација на односите”) а потоа интеграција во ЕУ. Оваа синтагма на вашиот хроничар на највисоко ниво во МНР на Германија му е соопштенa,а тоа пренесено (само кој чита) и до нашето МНР, пред равно 20 години. Ништо непознато.

Албанскиот претседател Рама по вокација ликовен уметник покажа и гатачки (а и прооводаџиски) способности при претставувањето на нашиот премиер на средбата во балканскиот  Солун, нарекувајќи го како иден премиер на Западна Бугарија, а можеше да каже и на Источна Албанија. На Рама не му е тоa прва шега. Овој пат наиде на непоготвениот Ковачевски, кој со насмевката до ушите, реагираше на продуховената шега. Нашиот министер Османи, во таа неслана шега  не го препозна својот колега С.Фројд.

Се чини дека конечно постигнавме макар еден додуша духовен успех со аберот на Патријархот од Истанбул. Сите се израдувавме посебно што СПЦ и РПЦ не беа против вклучувањето на МПЦ во канонското единство со православната заедница, како последен чекор за добивање на автокефалноста која формално ќе ја донесе Томосот но сеуште со  непрецизиран модел. Се чини дека тоа ќе биде  моделот “Томос  2022 – ОА”. Сега се разгледуват правните модалитети со кои сите би биле задоволни. Не ми е познато зошто премиерот замина за Истанбул за време на заедничкта литургија на нашиот архиепископ и цариградскиот патријарх. Па нели државата е одвоена од црквата. Потоа  проширениот дел од владата  отиде да го посети големиот везир Ердоган, да го запознае со нашиот најнов успех.

Се приближува Самитот на ЕУ. Од вчера се одржува и вториот Преспа Форум. Ш. Мишел е во Охрид. Прв пат не сме во еуфорија. Тоа е добар знак. Исходот е неизвестен а и било каков да биде ништо кај нас нема да се промени. Сите наведени слики се во позитив, значи прегледни и лесно се идентификуваат.

Ви посакувам долго, топло лето.

 

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close