Хегсет лажно се повикал на недостиг на оружје за да запре испорака на помош за Украина, пренесува „Гардијан“

„Резервите воопшто не ни се пониски отколку што беа пред три ипол години кога почна украинскиот конфликт“, изјавил за Ен-би-си Адам Смит, демократ и член на комитетот за воени услуги на американскиот Претставнички дом

Тврдењата на американската администрација дека САД морале да ја откажат последната пратка оружје за Украина бидејќи имале недостиг дома е неточна, тврди функционер на демократите, пренесува „Гардијан“. Според весникот, американскиот државен секретар за одбрана Пит Хегсет самостојно одлучил да го запре испраќањето на пакетот помош, што се состоел во противвоздушни ракети и други средства за заштита од руските воздушни напади, договорени во времето на претходниот претседател Џо Бајден, минатата година.

Откако Пентагон ја запрел испораката, беше соопштено дека одлуката за тоа била донесена затоа што САД забележале дека нивните резерви се премногу ниски. Одговарајќи на прашање во врска со оваа тема, американскиот претседател Доналд Трамп рекол дека запирањето било неопходно.

„Бајден ја испразни целата земја, давајќи им оружје на нив, и мора да се осигураме дека имаме доволно за нашите потреби“,одговорил Трамп.

Одлуката беше пречекана со изненадување кај дел членови на американскиот Конгрес, како и кај Украина и кај европските сојузници на САД. Според демократски функционери во САД, нема никаков доказ дека американските резерви се намалени.

„Резервите воопшто не ни се пониски отколку што беа пред три ипол години кога почна украинскиот конфликт“ изјавил за Ен-би-си Адам Смит, демократ и член на комитетот за воени услуги на американскиот Претставнички дом, пренесува „Гардијан“.

Смит додал дека неговиот тим ги видел бројките и дека немало никакви причини да се запре испораката на воената помош за Украина.

Русија во последните неколку дена го засили бомбардирањето на украинските градови, користејќи ракети и дронови за, како што пишува британскиот весник, да шири терор врз украинските цивили. Украинскиот пратеник Федир Вениславски, член на парламентарниот комитет за одбрана, изјавил дека одлуката за запирање на помошта за одбрана од овие напади била „болна“.

„Оваа одлука е секако непријатна за нас. Таа е болна, со оглед на терористичките напади што Русија ги врши врз Украина“,рекол Вениславски.

Back to top button
Close