Хегсет: Моралот кај американските војници на Блискиот Исток е висок, тие силно сакаат да ја завршат мисијата
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денеска изјави дека за време на неговата викенд посета на Блискиот Исток разговарал со американските војници, нагласувајќи дека моралот кај сите нив е висок и дека постои силна желба да се заврши мисијата.
Тој додаде дека војниците сакаат поголеми бомби и оружје за да го нападнат Иран, нагласувајќи дека конфликтот се води заради историјата и наследството на идните генерации.
„Претходните претседатели само разговараа, Трамп дејствува. Ако Иран е паметен, ќе склучат договор. Претседателот Трамп не блефира“, рече Хегсет на прес-конференцијата во Вашингтон што ја одржа со началникот на Здружениот штаб на американската армија, генерал Ден Кејн, објавува Гардијан.
Хегсет го нарече актуелниот ирански режим „нов режим“ и оцени дека промената на режимот во оваа земја е веќе постигната.
Американскиот министер за одбрана, исто така, истакна дека американската огнена моќ се зголемува, додека иранската слабее, а мотивацијата на иранската армија се намалува, што, како што изјави тој, води до дезертерство и фрустрација кај воените лидери.
Хегсет оцени дека следните денови од војната против Иран ќе бидат одлучувачки и додаде дека Иран го знае ова и дека тешко може да направи нешто на воен план.
„Имаме сè повеќе опции, тие имаат сè помалку. За само еден месец, ние ги поставуваме условите; следните денови ќе бидат одлучувачки“, нагласи Хегсет.
Началникот на Генералштабот на американската армија, Ден Кејн, рече дека САД спроведуваат прецизни напади врз производствените центри длабоко во Иран, велејќи дека во последните 30 дена се погодени околу 11.000 цели.
Тој додаде дека повеќе од 150 ирански бродови се „неутрализирани“ и дека САД продолжуваат да ја потврдуваат својата доминација над иранската морнарица.






