Хегсет наредил носачот на авиони Ју-Ес-Ес „Хари С. Труман“ да остане на Блискиот исток

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нареди носачот на авиони Ју-Ес-Ес „Хари С. Труман“ да остане на Блискиот исток уште една недела за да можат САД да имаат две ударни групи носачи на авиони во регионот за борба против јеменските бунтовници Хути, изјави денеска неименуван американски официјален претставник.

Тој рекол дека Хегсет вчера ја потпишал најновата наредба.

Хегсет кон крајот на март нареди продолжување на распоредувањето на „Труман“ и воените бродови во неговата група за еден месец во склоп на кампањата против Хутите.

Шефот на американската Централна команда, генерал Ерик Курила, побара повторно продолжување на распоредувањето на „Труман“.

Американскиот носач на авиони Ју-Ес-Ес „Карл Винсон“ и неговата ударна група пристигнаа во регионот на Блискиот исток пред неколку недели и дејствуваат во Аденскиот Залив.

Носачот на авиони „Труман“, заедно со два разурнувачи и крстосувач во својата ударна група, се наоѓа во Црвеното Море.

САД ги засилија нападите врз Хутите од 15 март кога американскиот претседател Доналд Трамп нареди нова, проширена кампања.

Тој вети дека нападите ќе траат сè додека Хутите не ги прекинат своите напади врз бродовите во Црвеното Море.

Американската Централна команда соопшти дека САД погодиле повеќе од 1.000 цели во Јемен од почетокот на операцијата на 15 март.

Во последните години ретко се случувало САД да имаат два носачи на авиони на Блискиот исток во исто време.

Хутите од ноември 2023 до јануари оваа година со ракети и дронови нападнаа повеќе од 100 трговски бродови, при што загинаа четири морнари, а два брода потонаа. ј

Back to top button
Close