Heineken Macedonia „има пријател Црнец*!”

Vig Shpuza

Кога републиканските политичари ги откриваа дека кажале или правеле нешто расистичко кон црнците во САД, нивниот главен изговор беше фразата „но јас имам пријатели од афро-американската заедница, затоа не можам да бидам расист!“ Оваа фраза почна да се користи толку често што, во одреден момент, стана “meme”, многу порано пред да постојат “memes”. Фразата стана синоним за иговор кога те фатиле на дело. Со други зборови, ако сте го користеле, се подразбирало дека нешто сте згрешиле. “Guilty as charged” како што би рекле во Холивуд.
Вчера (сабота, 30 септември), Heineken го прослави својот 150 роденден со целодневна забава во Градски парк во Скопје на 5 бини со 150 диџеи. Во една од нивните објави на социјалните мрежи, тие тврдат: „Дали хаус, или техно, или хип-хоп…без разлика што те движи, #Heineken ги спојува сите музички стилови на едно место…” Освен спојување на различни „етнички стилови“, кои пазете, исто така ги консумираат нивните пива и тоа во голем број. Тие типови на “музички стилови” не ги засегаат Хајнекен Македонија.
Од 150 диџеи кои беа поканети на овој настан, само еден од нив беше Албанец. Кога се соочиа со очигледното прашање „зошто не поканивте повеќе албански диџеи?“ нивниот одговор дојде во форма на типична ПР пена:
„Изборот е направен преку досегашните партнери и соработници (Терапија, Винил Конвенција, Кино Карпош Пикник..) и на наше изненадување посакуваната бројка од 150 ДЏ-и веднаш се исполни. Листата е интернационална, вклучува ДЏ-и од Јапонија, Америка, Грција, Србија, Македонија. Повеќето се под псевдоними, и не ни е позната нивната националност, ниту таа била критериум за избор. Она што го знаеме е дека еден од клучните учесници на настанот е уметник од Албанија кој ќе го прави и мапингот на настанот. Ова е космополитски музички настан кој нема национално обележје“.
Ајде да го анализираме овој апсурден одговор за нашата колективна забава! Да го игнорираме фактот што ги ставаат своите соработници под воз и откриваат дека и тие никогаш не каниле албански диџеи на нивните настани. Колку треба да сте професионално неспособни за да сфатите дека, “бидејќи нашите соработници не поканиле албански диџеи на нивните настани досега, ајде ние како интернационален бренд чии производи ги консумираат сите националности, да се потрудиме ние да ги поканиме овие диџеи”. Не е многу напор, еден телефонски повик и ќе дознаете.
Изговорот „веднаш беше исполнета посакуваната бројка од 150 диџеи“ звучи како Хајнекен да продаваат бурек а не пиво, давајќи слотови за диџеи по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Најсмешниот, непрофесионален изговор е тврдењето дека „повеќето се под псевдоними“ и дека они не знаат за националноста на нивните поканети гости! Дали е ова конвенција за маскирани суперхерои или забава? Овде само една кисела насмевка, нема потреба од анализа.
И конечно доаѓаме до фамозниот “пријател Црнец!” – еден уметник доаѓа од Албанија, и тој е „Човекот“, тој ќе мапира сẻ! Космополитизмот во најдобра форма! Тоа што тој Албанец не е од Македонија не ни го процесираат! Ама тој ќе мапира сẻ!
Имам многу пријатели Албанци (да, и јас!) кои се диџеи (и јас персонално сум пуштал музика со години, иако никогаш во македонските барови и клубови!). Еден од овие албански пријатели пушта музика подолго отколку што половина од овие диџеи се живи. Многу од моите македонски другари диџеи пуштале музика во Албанија; можете сами да ги прашате како биле пречекани таму.
Живееме во квази-држава во која владејачките партии и бизнисмени можат живи да запалат болни пациенти, да крадат и продаваат лекови за рак од пациенти кои умираат од рак и да се извлечат без гребнатинка, па изгледа лесно да се каже дека еден ваков „мал пропушт“ е бесмислен во споредба со такви морбидни злосторства. Но, тоа би било многу цинична и дефетистичка перспектива за ваквите инциденти, за живеење во „мултикултурна земја“. Наводно.
Но, на многумина од нас е многу важна музичката сцена во Македонија. Ние сме дел од таа музичка сцена. И, ако голем процент од националностите на оваа земја консумираат производи од меѓународен бренд, ние би сакале да бидеме претставени кога настаните како овие се организираат и пласираат на либерален и инклузивен начин.
Објавите на Хајнекен на социјалните мрежи се целосно на македонски јазик, иако околу 30% од нивните клиенти се Албанци.
Лично, никогаш не ми се допаднало вкусот на пивото Хајнекен, а сега и има смисла на некој смешен суеверен начин. Но јас пијам и пива од заедницата Скопско, и Даб, Старопрамен, Даура, кога се чувствувам навистина, навистина космополит.
Наздравје од диџеј Бетмен.
* „Некои луѓе го претпочитаат терминот Црнец затоа што не се идентификуваат како Африканци и/или Американци, затоа што не можат да ја следат нивната лоза назад до Африка или затоа што да се биде црнец не е само раса, тоа е цела култура. Некои сè уште се идентификуваат како Црнци и Афроамериканци и ги користат термините наизменично за себе, во зависност од ситуацијата“.
– Морин Беркер Бојт

Back to top button
Close