Хелсиншки со иницијатива пред Уставен за учениците од верските училишта
Мрежата за заштита од дискриминација ќе го оспори пред Уставниот суд новото законско решение за верските училишта кое треба да почне да се применува на стартот на оваа учебна година, објави ТВ „24“.
Велат законот е правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата. Иницијативата на здруженијата се крои и до уставните судии најверојатно ќе се најде следниот месец.
Според власта пак со законското решение се изедначуваат правата на учениците од верските училишта со останатите ученици во другите училишта. Тврдат суштината е еднаков пристап до образование, односно учениците на крајот од своето образование да полагаат државна матура за да можат да се запишат и на другите факултети освен на теолошките.
Законот за верските училишта се носи откако претходно на 30 април годинава Уставниот суд ја укина одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Бег“ во Кондово, која е донесена од страна на Владата на 26 март 2024 година. Судот оцени дека одлуката на Владата е незаконита и неуставна, бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница ИВЗ да биде основач на средно училиште – гимназија.Според Уставниот суд, ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта.