HERACLEA LYNCESTIS И БИБЛИСКИТЕ ПАРАБОЛИ

Антиката, моќниот синоним за најделикатните дострели на човечкиот дух во сферата на социјалните вредности и универзалниот асоцијатив за врвниот естетски идеал на уметничкото творештво, на македонската територија оставила повеќе од драгоцени податоци за својот долговековен историски блесок. Низ столетијата на прогресивниот ток на античката епоха, македонското подрачје го оформувало својот социјален и културен идентитет во контекст на непредвидиливата динамика на историските собитија и во зависност од политичките консеквенци на неговото гео-стратешко значење, продуцирајќи извонредно богата ризница на археолошко наследство и уметнички споменици, чии квалитети надалеку ги надминуваат регионалните рамки и глобалниот стандард на естетски параметри.

 

Од моќните првенци на Македонското кралство до мудрите администрати на Јустинијановата доба, од крволочните забави во паганските театри до иснпиративните проповеди на апостолот Павле, од бруталните обреди на жртвопринесувањата до свечениот протокол на епископските церемонии, од меко извајаните ефеби кои пленат со својата атлетска убавина до симболично структурираните мозаични панорами на мистичната христијанска космогонија – искрат вековите на античката епоха, на плодотворното македонско тло трансформирани во раскошна стратиграфија на културни слоеви и во репрезентативна мапа на археолошки локалитети. Меѓу нив, Хераклеја Линкестис зазема една од најмаркантните позиции.

 

Ситуирана во центарот на транс-балканските магистрали, урбана кралица на мегапотентниот антички патен правец Via Egnacia, кртосница на луѓе и идеи и значаен епископски центар на територијата на провинцијата Macedonia Prima, Хераклеја Линкестис, покрај Стоби, е квантитативно и квалитативно најистражуваниот антички град на нашето подрачје. Посетувана од реномирани научници уште од крајот на 19 столетие, истражувана од претставниците на релевантните институции почнувајќи од 30тите години на минатиот век и континуирано анализирана од многубројни еминентни проучувачи кои дадоа свој придонес во толкувањето на различните аспекти на нејзиниот археолошки и културен идентитет, Хераклеја Линкестис инспирирала повеќе од 100тина научни и стручни трудови, како и монографски дела, кои се бават со интерпретација на разновидните компоненти на нејзината урбана структура. Керамичките наоди, типологијата на пронајдениот накит, формите на архитектонските споменици, карактерот на скулптуралните творби, спецификите на воената опрема, одликите на фунерарните прилози и раскошната панорама на мозаичните павименти се меѓу најфреквентните теми на постоечката библиографија за античкиот град.

Помеѓу останатите истражувачи, и авторот на овие редови, во повеќе наврати, ја анализирал програмско-иконографската констелација на подните мозаици зачувани во    базиликалните објекти и епископската резиденција како дел од конфигурацијата на ранохристијанскиот стратум на Хераклеја Линкестис, кои претставуваат скапоцен камен во величествената културна ризница на човештвото. Престижниот симпозиум  Ниш и Византија (2005), Конгресот за византиски студии во Лондон (2006), Конгресот за христијанска археологија во Толедо (2008), дваесеттината научни студии објавени во домашната и светската периодика и двете монографски изданија се мојот скромен авторски придонес кон истражувањето на хераклејските мозаици во рамките на огромниот интерес за овие исклучителни креативни продукти, кои инспирирале голем број угледни научници да посветат внимание на нивните визуелни и естетски одлики.

Иновативните програмски ансамбли, впечатливите визуелни матрици креирани за илустрација на комплексните симболични претстави кои го откриваат метафоричниот карактер на религиозните пораки, збогатувањето на иконографската конфигурација на претставите со инвентивно дизајнирани и автентично конструирани сценски елементи соединети во кохерентно идеолошко и конзистентно визуелно единство на изведбата, впечатливо елаборираниот иконографски аранжман на композициите и имагинативната артикулација на симболичниот корелат на конститутивните елементи, инвентивната религиозна илуминација на догматската содржина транспонирана во слика – се само некои од естетските квалитети на хераклејските мозаични павименти, како вистински сведоци на времињата на горлива верска инспирација и на автентична уметничка креација. Притоа, мозаикот изведен во нартексот на Епископската базилика (крај на 5 – почеток на 6 век) ја претставува идејно, визуелно и естетски најкомплексната верзија во илустрација на Давидовиот псалм 41/42 во Медитеранската област и се вбројува меѓу најубавите мозаични претстави на христијанската Антика.

Сето тоа не беше доволно да им се посвети должно внимание на овие бесценети избеглици од историската минливост и да се презервира на соодветен начин и со современи методи нивниот визуелен интегритет, имајќи на ум дека, во услови на минимални средства одвоени од државниот буџет за заштита на културното наследство на Република Македонија, тие сепак припаѓаат на најделикантата сфера на културни добра кои бараат специфични постапки и мошне внимателен приод. Напротив, нивната ионака кревка природа и долгогодишното стрпливо чекање да се вбројат во приоритетите за заштита на Министерството за култура, деновиве добија речиси бласфемична епифаза, па наместо компетентен пристап и професионална грижа, им беа доверени на аматерските раце на битолската младина која, немајќи поим со што се зафаќа, оштети драгоцени делови од мозаичното ткиво, кое по својата дијагностичка анамнеза, секако би било ставено меѓу пациентите во пре-коматозна состојба. Со оглед на тишината меѓу културните авторитети во државава, кои веројатно повеќе се загрижени за уште еден непостистички инцидент отколку за случај во кој е неповратно оштетено уште едно ремек-дело на македонското културно наследство, јавноста единствено може да заклучи дека, во последните неколку години, наместо грижа, локалитетите во Република Македонија добиваат негрижа и тоа во квантум незапаметен за мојата генерација и непредвидлив дури и во најтемните прогнози на политички хаотичниот и културно нестабилен 20 век.

 

Nolite dare sanctum canibus, neque mittatis margaritas vestras ante porkos, ne forte conculcent eas pedibus suis, et conversi disrumpant vos” (Incipit Evangelium Secundum Mattheum, 7:6)

или во слободен превод:

Ќе се разбуди ли Македонија од хипнотичкото бесознание на безнадежен нарко зависник од негрижа, деструкција и понижување?

 

 

Проф. д-р Елизабета Димитрова

Филозофски факултет Скопје

Back to top button
Close