Херојот Ахмед од Сиднеј може да ја загуби раката: „Сѐ би повторил“


Ахмед ал Ахмед, минувачот кој вчера херојски совлада и разоружа еден од напаѓачите во Бонди, изјавил дека и покрај тешките повреди и силните болки, повторно би го направил истото. Неговиот адвокат за миграции, Сем Иса, потврди дека Ахмед не жали за својот чин, иако неговата здравствена состојба се влошила.

Ахмед е хоспитализиран во болницата „Сент Џорџ“ во Когара, каде се опоравува по првата операција. Тој има пет прострелни рани на левата рака, а еден куршум сè уште не е изваден од пределот на левата лопатка. Поради сериозната загуба на крв, лекарите стравуваат дека би можел да ја загуби раката.

Според адвокатот, Ахмед е скромен човек кој не бара медиумско внимание и постапил од чувство на човечка и морална должност. По добивањето австралиско државјанство во 2022 година, се чувствувал обврзан да ѝ помогне на заедницата која го прифатила.

Неговите родители изјавија дека и покрај повредите, тој е во добро расположение. Мајката признала дека плачела од гордост кога дознала дека нејзиниот син спасил животи, додека таткото истакнал дека Ахмед му благодарел на Бога што им помогнал на невини луѓе.

Херојството на Ахмед го пофалија австралискиот премиер Ентони Албаниз и премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, а пофални зборови упати и американскиот претседател Доналд Трамп. Во знак на поддршка, преку GoFundMe кампања се собрани над половина милион долари за негово лекување и опоравување.

Ахмед ал Ахмед (44), по потекло од Сирија, живее во Австралија од 2006 година, сопственик е на мал бизнис и татко на две мали ќерки. Неговото семејство и блиските велат дека без двоумење би го жртвувал сопствениот живот за да ги спаси другите.

Back to top button
Close