Хибридни дилетанти

Со ваква способна и успешна власт, не треба да се грижиме за нашата блескава иднина. Со робусни акции од најспособните синови и по некоја храбра и одважна ќерка, од страна на тајните разузнавачки служби со светско перфектно и без дамка реноме и репутација, констатирани се хибридни напади од центри на моќ од внатре и надвор, со одлучен и безмилосен глас соопштува премиерот Мицкоски.

Нема лабаво со хибридниот напаѓач, тој цврсто и одлучно треснува на маса и додава- да, ќе има нови подметнувања на пожари, не е лесно, немојте да имате илузии, но ние ќе се бориме до последен здив и ќе успееме.

Но, тоа не е сѐ, ова е само почеток на хибридниот атак врз оваа хипер успешна и капацитетна Влада. Тошковски како министер за полиција очигледно има повеќе информации од неговиот шеф и исто така лупа низ масите, за да се затресат микрофоните, за да се стресе државата, затоа што тој лукаво и безмилосно прецизно ги лоцира непријателските елементи во заедница на 200 Роми кои се детектирани низ депониите, снимени и видени како се движат низ овие златни рудници на отпад и ѓубриште.

Со овие ексклузивни снимки на робусната полициска чета од двајца без тројца, конечно се разоткрива тајната терористичка келија на наследниците на Осама Бин Ладен, маскирани во наши перфидни сограѓани од ромска националност, кои бираат хазарден начин да преживеат во овие хибридни времиња. Но, не, не е Тошковски наивен, ниту утепан од бога хибриден дилетант како нас- сето ова му дава сериозен повод за сомнеж дека станува збор за најкрволочни хибридни терористи со подли намери исклучиво да наштетат на успехот на оваа Влада, што би рекол Мицкоски. По некој саат подоцна, на премиерот му текнува дека хибридните СДСМ и уште похибридната ДУИ се потпалувачите, сѐ со цел да се минираат блескавите подвизи на оваа Влада, прекапана и сокапана од робусни акции во катастрофи и трагедии од невидени размери.

Повелете да ви ја претставам- ова е вашата Робусна Влада, на која ѝ гинат 63 луѓе во Кочани, ѝ се пали и потпалува цела држава со месеци, луѓето ѝ се трујат и за некој период и ќе почне и да умираат од тешки метали и отрови кои ги дишат предолго време, но во кое за жал не дојде момент на освестување. Напротив, после сите ужаси и болка низ која поминуваат, се очекува огромна поддршка со златни букви потпишана и запечатена на локалните избори.

Да живеат хибридните времиња на робусните акции, освестете се патриоти, обединетете се и изгасете го пожарот во вашите срца. Нека почне да работи главата пријатели драги, мора и таа да се вклучи, под опасност е да зарѓа.

Back to top button
Close