Хикмете Бајрами: Курти не стаса да изгради фабрика за кечап, па сега ќе гради фабрика за муниција

Потпретседателката и пратеничка на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Хикмете Бајрами упати иронични забелешки на вчерашната најава на косовскиот премиер, Албин Курти дека презел дејствија за започнување на изградба фабрика за муниција и лабораторија за дизајнирање беспилотни летала во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бајрами во објава на нејзината страница на Фејсбук потсети на предизборното ветување на Курти од пред четири години дека ќе отвори фабрика за производство на кечап во Косово.

Поранешната министерка за финансии, за образование и наука и за трговија и индустрија на Косово изрази „очекување“ дека до 9 февруари 2025, кога ќе се одржат парламентарните избори, освен што ќе изгради фабрика за муниција, Курти ќе го исполни и другото негово ветување – ќе го отвори мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на северен дел, населен со српско, и јужен со албанско мнозинство.

„Ви текнува на ветувањето на Албин дека ќе гради фабрика за кечап. Е па, откако поминаа четири години и не стаса да ја изгради, денес рече ајде да почнеме со една фабрика за муниција. Верувам дека до 9 февруари ќе биде изградена. Штом се изгради фабриката за муниција, ќе го отворат мостот на Ибар“, напиша Бајрами, порачувајќи дека „пропагандата не минува, на измамите им дојде крајот“.

Back to top button
Close