Хоџа: Најголемиот лидершип на Беса влегува во локалните избори, не го коментираме договорот на СДСМ и ДУИ
Генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, вели дека не би сакале како партија да го коментираат вчерашниот договор на Зоран Заев и Али Ахмети за соработка на СДСМ и ДУИ на претстојните локални избори.
Како што рече Хоџа, ќе се воздржат од коментари зашто не се познати детали од тоа што договориме двајцата лидери.
„Не би коментирале договори на лидери на политички партии иако се дел од владејачката коалиција. Реално гледано, ние не знаеме за деталите за тоа што е зборувано, како Движење Беса сме кажале дека се подготвуваме за да излезеле сами на локалните избори бидејќи цениме дека нашето присуство во Владата направило разлика и таа разлика сакаме да се отслика во делот на гласовите. Како политичка партија сакаме реално да видиме како се отсликало нашето 10-месечно владеење односно скоро една година до локалните избори. Оставаме да се објават детали од каков било договор што има бидејќи изјавата е многу опширна, па да почекаме врз основа на што ќе се држи таа коалиција“,
изјави Хоџа.
Тој отфрли можност Беса да се приклучи на оваа коалиција, а во изјавата најави дека веројатно партискиот врв на ова движење ќе влезе во трка на локалните избори.
„Апсолутно не, бидејќи сме кажале дека настапуваме со наши кандидати и затоа се воздржувам во тоа што го кажувам, не знаеме што опфаќа договорот. Многу е општа изјавата во делот на давање насоки дека негде во прв, негде во втор круг ќе соработуваат, така што без да знаеме каде во прв, каде во втор круг, не би сакале како политичка партија. Меѓудругото, ние сме сериозна политичка партија и сме кажале и пред каков било состанок дека ние настапуваме со наши кандидати и квалитетни кадри. Можам да кажам дека скоро најголемиот лидершип на партијата влегува во локалните избори и тоа кажува за нашата сериозност во делот на тоа како ги цениме локалните избори“,
изјави Хоџа.
На прашање дали се точни гласините дека тој лично ќе се кандидира за градоначалник на Скопје, генералниот секретар на Беса и актуелен министер за земјоделство рече дека каква и улога да му се додели за изборите тој нема да се спротивстави.
„Јас вчера бев избран за шеф на изборниот штаб на партијата и моментално мојот фокус во делот на партиската активност е за подготвување на изборите. За која било улога што партијата ќе цени дека е битна, воопшто не би бегал од одговорност. Јас и со адреса на живеење не сум во Скопје, но да оставиме на времето да видиме како ќе се одвиваат работите. Сè што партијата ќе цени дека е важно за партијата, јас нема да се спротивставам бидејќи сум докажан како личност, но и партијата како Беса докажала дека функционирањето како екипа е клучен фактор што довел до кревање и на рејтингот и до настапот на изборите“,
рече Хоџа.