Холандија во трезор ќе ги чува телефоните и паметните часовници на министрите
Телефоните и паметните часовници на министрите ќе се чуваат во трезор кога во Владата на Холандија ќе се разгповара за државните работи, изјави денеска холандскиот премиер и поранешен шпион Дик Шуф.
„Паметните телефони, таблетите и другите слични уреди, како што се паметните часовници, мора да бидат ставени во трезорот за време на официјалните состаноци, вклучително и неделниот Совет на министри, изјави Шуф за јавниот радиодифузен сервис НОС.
Шуф ја презеде функцијата на почетокот на јули.
„Заканата од шпионажа отсекогаш постоела. Електронски уреди, паметни телефони, Ајпад… сите тие се микрофони“, рече Шуф.
Премиерот додаде дека дозволува паузи за министрите да одат да си ги проверат телефоните.
Во претходната холандска влада, паметните телефони беа забранети само кога се разговараше за одредени безбедносни теми, објави холандскиот дневен весник АД.
Чувствителноста на Шуф за безбедносни и шпионски ризици не е изненадување. Пред да го преземе раководството на холандската влада, тој беше најстариот државен службеник во холандското Министерство за правда и безбедност. Помеѓу 2018 и 2020 година тој ги водеше и холандските разузнавачки служби. Пред тоа беше национален координатор на државата за борба против тероризмот.