Холштајн: С. Македонија денеска јасно гледа што значи да се биде членка на НАТО. Договорот од Преспа значи безбедност

Со овој договор се покажа колку е важно да се биде дел од НАТО, да имате сојузници со кои ќе можете заедно да делувате, вели германската амбасадорка.

   

 

Договорот од Преспа значи безбедност за Северна Македонија“, порача денеска германската амбасадорка во земјата, Анке Холштајн, коментирајќи ги најновите случувања со инвазијата на Русија во Украина.

Таа вели дека никој не очекувал дека ќе се случи ваков развој на настаните и никој не знае каде сето ова ќе води, но на македонските граѓани денеска треба да им стане јасно што значи Преспанскиот договор за земјата.

„Северна Македонија денеска јасно гледа што значи да се биде членка на НАТО. Да не беше земјата членка на Алијансата, таа ќе се наоѓаше во многу поинаква положба од сега. Преспа значи членство во НАТО и безбедна С. Македонија“, вели амбасадорката. Таа е децидна дека со овој договор се покажа колку е важно да се биде дел од НАТО и да се има сојузници со кои ќе може заедно да се делува.

Амбасадорката оцени дека со тоа што Северна Македонија планира целосно да се приклучи на пакетот санкции кон Русија, покажува политичка зрелост.

„Германија продолжува да го поддржува патот на Северна Македонија кон ЕУ на сите можни начини“, додава таа, но потенцира дека од суштинско значење е енергично да се унапредува реформскиот процес во земјата.

Според неа, постои целосно нова динамика во дијалогот со Софија од кој се очекуваат резултати, но важно е процесот на реформи во Северна Македонија енергично да продолжи напред, датумот на започнување на преговорите сам по себе не е важен.

„Немам кристална топка и не би требало да предвидувам што било, бидејќи тоа не зависи од нас, туку од други фактори“, вели Холштајн. Но, таа смета дека Северна Македонија веќе одамна е подготвена за почеток на преговори и за членство во ЕУ.

„Се согласувам со тоа дека овој регион е дел од Европа и треба под покривот на ЕУ еден ден да станеме уште поблиски и позбиени. Патот кон тоа не е краток. Ниедна земја којашто не е доволно подготвена нема да добие никаква корист од членството. Многу работи мора да се направат. Земја којашто сака да биде членка мора да биде и подготвена да ги издржи и пазарните притисоци на ЕУ“, рече германската амбасадорка.

Back to top button
Close