ХОПС: Луѓето кои употребуваат дроги се најмаргинализирани, најдискриминирани и најстигматизирани

– Уметничка инсталација со четири лица, наречена „РЕ употреби го умот“ изработена од страна на луѓе кои употребуваат дроги денеска е поставена во стариот дел на Градскиот парк. Инсталацијата е дел од проектот „Креативна акција за општествени промени“ што го спроведува ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје.

Инсталацијата, како што појасни денеска на прес-конференција проектниот координатор Благородна Коцева Симјанов, е направена од реупотребени материјали и целосно изработена од луѓе кои користат дроги. Ова, нагласи таа, се заедници кои може да придонесат со квалитетна и интересна содржина за Градот и имаат вредност како и останатите.

– Една од страните на инсталацијата е „Заземи став“ што претставува зелен вертикален урбан простор кој овозможува изразување на позитивниот став на младите. Друга страна е „Биди зелен“ – тоа е тема која мислам дека не само скопјани, туку и целата држава и светот сме загрижени се повеќе за тоа како се однесуваме со природата и со она што ни дава живот, од друга страна комбинацијата со растенија и пластични шишиња покажува дека треба да најдеме начин како да се справиме со општествените проблеми, односно со отпадот, рече Коцева Симјанов.

Другите две страни, појасни таа, претставуваат друга симболика – едната е „Седни и размисли“ која претставува место каде што може да се седне и да се размисли и „На астал“, која произлегува одтоа да се седне на маса, да ги отвориме картите и да ги решиме предизвиците наместо да ги туркаме настрана.

Извршната директорка на ХОПС Хајди Штерјова Симоновиќ, пак, на прес-конференцијата нагласи дека луѓето што употребуваат дроги се едни од најмаргинализираните, најдискриминираните и најстигматизираните луѓе во нашата земја, па и генерално пошироко во светот.

– Тоа се луѓе кои буквално се маргинализирани и стигматизирани, како од своите најблиски, така и од околината во која што живеат, меѓутоа и од институциите на системот. За среќа изминативе години добиваме поддршка како до централната власт и надлежните министерства, така и од локалната власт, Градот Скопје и неколку општини кои соработуваат со нас, токму во процесот на рехабилитација и ресоцијализација, како и повеќе донатори меѓу кои и Цивика Мобилитас, рече Штерјова Симоновиќ.

ХОПС, како што додаде, е организација која повеќе од 20 години работи на полето на намалување на штети од употреба на дроги, дава максимална поддршка на луѓето кои употребуваат дроги и сексуалните работници преку развивање на програми, како што се здравствена програма за давање основни здравствени услуги и психосоцијална поддршка, правна програма за давање бесплатна правна помош и една од најважните програми што ја развиле – програмата за рехабилитација и ресоцијализација на луѓето кои употребуваат дроги.

Акцијата е со финансиска поддршка од Цивика Мобилитас, а во соработка со Град Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Флораком.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close