Хорор продукција
Можеби Владата ќе го послуша Теофил Панчиќ – еден од најконтроверзните но и најчитаните современи филозофи – и ќе не’ куртули од онаа грдотија среде Скопје? Не верувам, ама не треба да заборават дека Панчиќ е читан низ целиот свет и дека неговите ставови често се репер за јавното мислење. И без оглед на неговата (наводна) контроверзност, неговиот збор богами тежи барем колку сите оние други заедно кои ја убедуваат власта дека ова и вакво Скопје изгледа – светски. Можеби, ама само во нивните глави, а тие не се меродавни.
Но, зошто го спомнувам Панчиќ? Затоа што неговата констатација дека „Градот (Скопје, м.з.) изгледа точно онака како што го остави Груевски, денес делува како споменик на периодот на лудило во обем од еден до еден“ е само потврда на мојата теза за необјаснивиот континуитет на оваа власт со политиките на „(…) налудничавиот провинцијалец и неговата клептократско-митоманска банда“![1] Или, поинаку поставено, ние денес не се навикнуваме само на грдотиите што ни ги остави тој „налудничав провинцијалец“ пребеган во Будимпешта, туку многумина од власта се обидуваат да не’ убедат дека треба да се навикнеме и на комплетниот дисконтинуитет што неговата банда го заведе во вкупниот општествено-политички живот во земјата. Се разбира, нагрдувањето на главниот град со оној самонаречен проект „Скопје 2014“ е само врвот на ледениот брег, црешка на шлагот врз тортиљата викана „ново време“. Тоа монструозно разнебитување на меморијата на главниот град на државата е само најочигледното, највидливото зло што го снајде градот и неговите граѓани. Еднакво страшни, ако не и пострашни, се оние помалку видливи или „невидливи“ нешта така цврсто вкоренети во сите пори на јавниот живот и власт: од некултурата до политиканството, од кримогеното судство до разнебитеното здравство, од континуираното партиско договорно празнење на буџетот (вклучувајќи го тука и културниот) до целосната партизација на администрацијата (државна и општинска)…
Дисконтинуитетите на злосторничкото здружение како непречено да продолжуваат и во секој сегмент од културата во државава. А впрочем, обидите за уривање на Универзалната сала – онаа којашто еден културофоб се осмели дури да ја нарече и „лименка“ – не се во ништо различни од методите на „Скопје 2014“: ова ќе го урнеме а ќе ви изградиме нешто уште постаро! Добро, овде станува збор за градење на „нешто поново“, ама зарем немаат право на збор и избор не само граѓаните на градов туку ни стручната јавност, зарем ние немаме никакво чувство на почит кон традицијата и кон помошта што некои му ја пружиле на овој град, зарем толку некому му пречи таа „лименка“ за нечии мафијашко-урбани аспирации за тој простор? Конечно, и новата министерка ќе мора да каже збор-два за случајот и, се надевам, да застане на вистинската страна иако Универзална сала е објект под ингеренции на градот. Ама е објект и на културата на целата држава! Поточно, таа и таква Универзална сала требаше досега да биде прогласена за културно наследство и тоа може да се направи дури и денес. За цирка пет минути, ако се сака, се разбира, да се разбие овој континуитет на злосторнички потфати! А не на листата на тоа и такво културно наследство се’ уште да се трткаат онаа чудовишна Триумфална порта, оној Музеј на хоророт, малоумнана спомен куќа на Мајка Тереза (сега сосе „гробон“ на Плоштадот)…, Плаошник… итн. Или онаа таканаречена Управа за заштита на културното наследство има попаметна работа? Да гради попски резиденции?!
Впрочем, пред Министерството за култура стои обемната и сложена задача конечно да се запре дисконтинуитетот наметнат од груевистичкиот режим во културата, во сите сегменти: од конципирањето на буџетот, преку распределбата на средствата (главно етно-партиска и пријателска!), етничката поделба на директорските места, партиските наместо стручни вработувања и слично. Еднаш мора да разбереме дека тој дисконтинуитет прескапо ја чинеше македонската култура, а континуитетот со тој дисконтинуитет е де факто продолжување на злосторничката политика на бившиот режим. Впрочем, сето тоа, повторно, се прекршува токму во централното градско подрачје и она ругло што се’ уште стои таму. Зашто тоа е највидливото, очигледното пркосење на здравиот разум и традицијата на модерно Скопје, тоа е доказ за силината на дисконтинуитетот без оглед колку истиот е монструозен и злосторнички само ако е исплатлив… а впрочем, и „гробон“ на Мајка Тереза среде Плоштадот, или продолжувањето на дивеењето на урбаната мафија во Дебар маало, во Карпош, во Аеродром… не е ништо друго туку само втор дел од оној насилнички хорор филм снимен од „налудничавиот провинцијалец“! И мора ли, навистина, и оваа власт да биде продуцент на тој продолжетокот на тој филм?
Замислете што и како би ви се случило во еден Лондон да се дрзнете да им го менувате Трафалгар сквер, или Пикадили, или во еден Париз да го преорате плоштадот Конкорд, Елисејските полиња и слично? Па таквите силеџии ни пет минути не би останале на власт, а богами ниту меѓу живите. Ама ние тоа го нарекуваме глупава традиција, нели? И само ние сме паметните, нели?
Златко Теодосиевски
[1] Теофил Панчиќ, Навикнете се на грдотија, Слободен печат, 4 септември