Хотелите на охридското крајбрежје нецелосно исполнети за дочек на Нова година

 Хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера за Новогодишните празници ќе бидат исполнети 60 до 70 отсто, информира претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ Крсте Блажески. За разлика од хотелите, помалите сместувачки капацитети, станови и апартмани се целосно исполнети за Нова година.

Според него, дел од хотелите на охридското крајбрежје, односно околу 30 проценти се затворени, а очекува бројката да се зголеми по Нова година. За дочекот на Новата година и годинава најголем број од гостите се од соседните држави, Бугарија, Србија, Албанија, додека туристите од Грција најбројни биле за Католички Божиќ.

– Дочеци ќе има во оние хотели што работат, но продадено е околу 60 до 70 отсто од очекуваното. Очекувавме за Нова година да ги наполниме капацитетите, но ќе бидеме 30 до 40 проценти празни, вели Блажески за МИА.

Причина за слабиот интерес, според него, се зголемените цени на аранжманите, кои пак се резултат на високите сметки за електрична енергија, која големите хотелски капацитети ја набавуваат на отворениот пазар и однапред не ја знаат цената. Новогодишните аранжмани во хотелите на охридско-струшкото крајбрежје се продаваат за околу 30 проценти поскапи од лани.

– Малите хотели се заштитени во однос на сметките за електрична енергија, плаќаат една цена, додека големите се оставени на отворен пазар. Со оглед на тоа не може да се даваат конкретни цени за аранжмани, бидејќи не може да се предвиди цената на струјата во јануари и февруари. Аранжманите остануваат повисоки, а со тоа не сме атрактивна дестинација. Ние сме евтина дестинација, и да останеме таква треба нешто да се подобри, вели Блажески.

Посочува дека државата нема слух за проблемите на хотелиерите, кои во повеќе наврати побарале поддршка. Дополнителен проблем за неатрактивност на дестинацијата смета дека е лошата инфраструктура.

Back to top button
Close