Хоти ја потврди средбата со српската страна во Вашингтон, Тачи не кажа дали ќе учествува

Косовскиот премиер Авдулах Хоти ја потврди средбата со претставниците на Србија, што треба да се одржи на 2 септември во Вашингтон, на покана од специјалниот американски пратеник за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на својата страница на Фејсбук, Хоти информира дека на средбата во Белата куќа ќе се разговара за теми од областа на економијата, кои, како што вели, „ќе ја сменат економската перспектива на Косово и на регионот“.

– САД секогаш биле решавачки во процесот на државотворноста на Косово. На 2 септември се среќаваме во Белата куќа за да разговараме со српската страна, како две независни држави, за големи проекти од економската соработка, кои ќе ја сменат економската переспектива на Косово и на регионот. Косово е благословено со пријателите кои ги има, напиша Хоти.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи ја поздрави поканата од Вашингтон за Приштина и Белград, меѓутоа не кажа дали и тој ќе учествува на неа.

– Ја поздравувам средбата во Белата куќа меѓу Косово и Србија. Благодарни сме за извонредната посветеност на САД на мирот и стабилноста во регионот, порача Тачи преку неговиот Твитер.

Пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Гренел утрово на Твитер ја објави веста за косовско-српската средба во Вашингтон.

Претходно беше планирана средба на челниците на двете држави во Белата куќа на 27 јуни, меѓутоа таа беше одложена откако неколку дена порано се објави веста дека против Тачи е подигнато обвинение пред специјалниот суд за воени злосторства во Косово.

Back to top button
Close