ХПВ вакцината ќе се аплицира како деветвалентна, од следниот месец ќе биде достапна и за момчињата

Целта на вакцинирањето е двојна. Покрај зголемувањето на составот на серотипови кон кои ќе заштитуваме, вклучувањето на вакцинацијата на момчињата ќе влијае на спречување на трансмисијата, односно преносот на инфекцијата, порача националната координаторка за имунизација Александра Грозданова

Се проценува дека ХПВ вакцината спречува 70% од случаите на цервикален карцином, 80% од аналниот карцином и повеќе од 40% од вулвеларниот карцином.

Редовниот календар за имунизација се осовременува со деветвалентна вакцина за поквалитентна превенција од ХПВ инфекции, најави министерот за здравство Илир Демири. Вакцината веќе е дел од задолжителната имунизација, но наместо четиривалентна како досега, од следниот месец ќе се аплицира како деветвалетна , односно со засилена заштита. За еден месец вакцината ќе биде дистрибуирана во вакциналните пунктови низ земјава, а новитет е што од годинава вакцината ќе може да ја примат и момчиња на возраст од 12-15 години.

„За заболувања за кои има вакцини треба секое едно дете да биде вакцинирано. Така ќе градиме посигурен здравствен систем и подобро да спречиме отколку да лечиме“,кажа министерот за здравство Илир Демири.

ХПВ вакцината се користи 18 години, а во Северна Македонија се употребува од 2008 година. Во 2009 година вакцината е воведена во редовниот задолжителен календар за имунизација, посочи националната координаторка за имунизација Александра Грозданова.

„Досега ја користевме четиривалентната вакцина. Почнувајќи од следниот месец почнуваме со користење на деветвалентната која што има дополнителни пет серотипови. Досегашните беа: 6, 11, 16 и 18. А дополнително сега во составот на оваа вакцина влегуваат и серотиповите: 31, 33, 45, 52 и 58. На ваков начин се зголемува ефикасноста на вакцината за заштита“порача Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација.

Начинот на имунизација со оваа вакцина останува ист, додаде Грозданова. Децата на возраст од 12-15 години ќе примаат две дози, а оние на возраст од 15-18 години, ќе примаат три дози. Во тој период од возраста се постигнува најдобар имунолошки одговор на организмот, особено пред момчињата и девојчињата да бидат изложени на ХПВ ризикот, посочи Грозданова.

„Целта на вакцинирањето е двојна. Покрај зголемувањето на составот на серотипови кон кои ќе заштитуваме, вклучувањето на вакцинацијата на момчињата ќе влијае на спречување на трансмисијата, односно преносот на инфекцијата. Меѓутоа и со поголема заштита на ХПВ асоцирани заболувања“,додаде Грозданова.

Се проценува дека ХПВ вакцината спречува 70% од случаите на цервикален карцином, 80% аналниот карцином и повеќе од 40% од вулвеларниот карцином. За следните три години, како што беше соопштено, обезбедени се 70 илјади дози од ХПВ вакцината, од истиот производител кој досега ја обезбедуваше четиривалентната вакцина.

 

Годишно во Северна Македонија се регистираат 150 нови случаи на рак на грлото на матката, а околу 60 отсто од пациентите умираат поради состојби поврзани со ова заболување, посочи претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани.

„Вакцинацијата е најдобар начин за спречување инфекција со ХПВ, рак на грлото на матката и други малигни заболувања поврзани со ХПВ. Меѓутоа во оваа земја опфатот со вакцинација за ХПВ е недоволен. Процентот на девојчиња на возраст од 14 години кои примиле две дози од оваа вакцина изнесуваше меѓу 54-57% во годините пред ковид-пандемијата. Новата деветвалентна ХПВ вакцина која штити против девет типови е безбедна и делотворна“,порача претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани.

Министерот за здравство повика на редовна вакцинација за заштита од сите болести кои веќе се предвидени во редовниот годишен календар за имунизација. По изборите како што најави Демири, ќе се иницираат законски измени со кои ќе може да се казнуваат родителите кои не ги вакцинираат своите деца. Дополнително како што рече тој ќе се иницираат и законски измени со кои невакцинираните деца нема да се примаат во училиште.

Back to top button
Close