Храброста на белото знаме

Кога некој го предупредил Сталин за можната реакција на Папата на некоја негова политичка одлука тој, потсмешливо, го прашал соговорникот: „А колку тенковски единици има Папата?“. Папата, се разбира, нема тенкови но поседува морален авторитет: верба кај светската јавност дека она што го вели и прави е праведно и добро.

Неодамна, во интервју за CBS News, мислејќи на војата во Украина и на онаа во Газа, Папата ќе изјави дека „мир преку преговори е подобар од војна без крај“.„Ве молам. Земји во војна, сите вие, запрете ја војната. Најдете го патот до преговори. Најдете го патот до мирот“.

Прашан што тој може да помогне, Папата ќе изјави: „Jас можам да се молам. И го правам тоа. Многу се молам“. Претходно, преку една швајцарска телевизија на Украинците тој ќе им порача да ја имаат храброст за „бело знаме“ и да испреговараат крај на војната со Русија.

Храброст да се предадат?

Страшни се дилемите во меѓународната политика во ерата на нуклеарното оружје кога самиот опстанок на човештвото е загрозен. Страшни се и актуелните страдања, особено на децата на Украина кои, како што ќе каже Папата, „заборавиле да се смеат“. „Војната е секогаш пораз“, вели Френсис.

Но, зборовите на Папата Френсис ја разлутија Украина и нејзините сојузници. Ососбено оние дека „кога гледаш дека си поразен и дека работите не одат на добро, треба да собереш храброст да преговараш“. „Храброст на белото знаме“, ќе рече Папата. „Нашето знаме е жолто и сино. Ова е знамето со кое живееме, умираме и победуваме. Никогаш нема да кренеме друго знаме“, одговараат од Киев. И така, под тоа знаме 500 000 Украинци отишле во смрт а државата е разурната и би можела да исчезне од картата на светот.

Приказната на неговиот претходник Св. Френсис од тринаесеттиот век, по кој се нарекува актуелниот папа, е поучна и инспиративна.

Во 1219, во текот на петтата крстоносна војна, тогашниот папа Френсис ќе тргне преку борбените линии кои ги делеле христијанските и муслиманските војски во Египет, на разговор со султанот Ал Камил. Фатен од султановите војници, Св. Френсис бил претепан ама и донесен пред муслиманскиот владетел. Се вели дека Френсис го поздравил султанот со зборовите „Господ да ви дари мир“, слични на традиционалниот муслимански поздрав „Асалам о Алаикум“. Восхитен од неговата храброст и неговиот ентузијазам за мир, султанот и папата се впуштиле во дебата за религија, политика и војна. Кога на заминување, султанот сакал да го дарува Френсис скапоцени дарови, тој, согласно заклетвата на сиромаштија ги одбил. Се верува дека средбата го сменила султанот Ал Камил кој влегува во преговори со крстоносците а кон затворениците христијани почнува да се однесува со дотогаш невидена добрина. После неколку безуспешни обиди за мир, султанот и крстоносците заклучиле мировен договор на 8 години.

И современите политичари мораат да тргнат преку борбените линии во потрага по мир, каде и да се тие исцртани: на фронтовите или во нивните умови. Опасноста агресијата на Русија да се претвори во светска војна е огромна, а заканите со употребата на нулеарно оружје зачестија. И сите седат како парализирани пред ескалација на војната. Современите полтичари не мораат како Св. Френсис пеш да се пробиваат преку борбените линии и да бидат тепани за да стасат до другата страна. Следам едно предавање на интернет на професорот на Колумбија универзитетот во Њујорк, Џефри Сакс во кое му порачува на својот претседател Бајден да му се јави на Путин да му каже дека е доста војна, дека Западот згреши што инсистираше на Украина во НАТО како што Путин згреши со инвазијата на суверена држава, но дека е време за мир. Толку ли е тешко да се крене слушалката на телефонот?

Не би било лошо и ние во Македонија, или како што официјално се нарекува нашата држава – Република Северна Македонија, да извлечеме поука од овие приказни: да ги почитуваме и внимателно да се однесуваме кон мировните договори со соседите. Тоа, конечно, е нашиот придонес кон мирот во Европа на која и тргна на лошо после руската агресија врз Украина. Што се однесува до фамозната географска одредница „Северна“, со неа и ние правиме дистинкција со Грците и нивната историја и култура, а не само тие кон нас. Таа одредница ни помага и нам да ја истакнеме нашата посебност. Посебноста на една млада и храбра словенска нација која го носи древното име – Македонија. Можеби, еден ден, некоја идна генерација Грци нема да инсистира на било какви придавки и ќе ни биде благодарна што сме го извлекле името од заборавот на историјата и што сме го зацртале на соврмената карта на светот.

Денко Малески

 

 

Back to top button
Close