Хрка се разболи и имунитетот ѝ се влошува, но продолжува да штрајкува со глад веќе петти ден

Мајката на Стефан Хрка кој загина при уривање на настрешница, Дијана Хрка, штрајкува со глад веќе петти ден. Иако нејзиниот имунитет опаднал, таа ја продолжува борбата и ѝ се заблагодарува на групата „Својата Србија“ за поддршката што ја добила и синоќа, но и изминатите денови, објави „Н1“.

Хрка е настината, изгубила глас, ѝ паднал имунитетот, но не се откажува. Им се извинила на сите кои, како што вели, поради настинката не можела да ги прегрне.

„Се чувствувам исцрпено, имунитетот ми паѓа, но ќе биде сè во ред… Им се извинувам на сите што не можам да ги прегрнам и бакнам додека не помине ова, но имунитетот ќе ми се врати и сè ќе биде супер… Навистина им се извинувам на сите, нека не мислат дека не сакам некого да прегрнам, сакам — тоа многу ми значи“, изјавила таа.

 

Синоќа во Белград се одржале два собира — еден на граѓани кои ја поддржуваат Хрка и друг на СНС во „Ќациленд“, каде што повторно се пуштале песни со кои се исмејувала жената што протестира.

Министерството за внатрешни работи соопштило дека на собирот на СНС во „Ќациленд“, на простор не поголем од 300 квадратни метри, имало 47.500 луѓе, а на собирот во поддршка на Хрка нешто повеќе од 2.000 граѓани.

Хрка, сепак, смета дека е обратно.

„Мислам дека беше обратно. Долу едвај имаше 2.000 луѓе. Како и секогаш, се обидоа да ни пријдат одзади, но можам да ги пофалам полицијата и Жандармеријата што го спречија тоа. Сега, дали спречија светските медиуми да ја видат вистинската состојба или видоа нешто друго — не знам, но им благодарам на сите,“ порача таа.

На собирот во „Ќациленд“ зборувале Милош Вучевиќ, Ана Брнабиќ и Милош Павловиќ, повикувајќи ја да го прекине штрајкот со глад.

„Би замолила повеќе да не зборуваат за настрешницата… Моето дете не е број, ниедна жртва не е број, а тој ми вети дека ќе има одговорност. Кој е Милош Павловиќ да коментира што било? Јас го повикав Вучевиќ да дојде пред мене и да ми каже да прекинам со штрајкот на глад. Цела година чекав — ништо не направија, апсеа невина деца,“ истакнала таа.

Студентите објавиле дека ноќта биле уапсени неколку студенти, а приведени биле и одредени активисти.

Back to top button
Close