Хронологија на конфликтот меѓу Индија и Пакистан
Индија и Пакистан, две нуклеарни сили кои настанаа по распадот на Британската империја во 1947 година, до денес војувале шест пати. Центар на речиси сите конфликти беше Кашмир, планинска област која е поделена меѓу двете држави, но двете тврдат дека е нивна територија.

Откако двете земји стекнаа независност, регионот беше повод за повеќе војни и бројни крвопролевања. Индија контролира поголем дел од територијата, додека Пакистан го оспорува нејзиното владеење повикувајќи се на мнозинското муслиманско население. Индија е обвинувана за напади и злосторства врз цивили, но пакистанските милитанти истовремено во повеќе наврати извршија напади кои можат да се класифицираат како терористички.
Откако Британците го напуштија потконтинентот, настанаа две нови држави – претежно муслимански Пакистан и поголема, секуларна, но со мнозинско хиндуистичко население Индија. Поделбата доведе до голем бран насилство и судири: загинаа околу 500.000 луѓе, а уште толку останаа без дом.
Само два месеци по независноста избувна првата војна. Пакистан го поддржа муслиманското востание во Кашмир, а тогашниот владетел на тоа подрачје побара помош од Индија. За возврат, тој се согласи Кашмир да стане дел од Индија, но договорот за тоа останува спорен до денес. Конфликтот заврши на 1 јануари 1949 година со воспоставување линија на примирје.
Во април 1965 година избувна нов судир поради спор околу границата, кој се разгоре кога Пакистан ја премина линијата на примирје и влезе на индиска територија. Индија одговори со преминување на меѓународната граница кај Лахор. Двете страни на крајот се согласија на примирје под покровителство на ОН.
Шест години подоцна, во 1971 година, повторно избувна конфликт, овој пат поради борбата за независност на Источен Пакистан, кој се наоѓаше на другата страна на Индија. Како што насилството ескалираше во граѓанска војна, околу 10 милиони луѓе побегнаа во Индија. Индиската војска се вклучи, а Пакистан капитулираше. Повеќе од 90.000 пакистански војници завршија во индиско заробеништво, а на 6 декември 1971 година се роди нова држава – Бангладеш. Пакистан ја призна дури три години подоцна.
Во 1989 година, по советското повлекување од Авганистан, исламските борци – поттикнати од растечкото незадоволство на муслиманското население во Кашмир – започнаа бунт против индиската власт. Пакистан тврдеше дека само дава „морална и дипломатска“ поддршка, но Индија го обвини дека ги обучува и вооружува сепаратистите.
Нов вооружен судир се случи во 1999 година кога пакистански борци зазедоа позиции во индискиот дел на Кашмир кај Каргил. Индија одговори со воздушни напади, а тензиите се закануваа да прераснат во целосна војна.
Илјадници луѓе побегнаа од своите домови од двете страни на линијата. Во декември истата година, генералот Первез Мушараф изврши државен удар во Пакистан.
Во октомври 2001 година, 38 луѓе беа убиени во напад на собранието во Шринагар, а еден месец подоцна уште 14 загинаа во напад на индискиот парламент. Индија повторно ги обвини пакистанските милитанти, а двете земји трупаа војска долж границата.
Во јануари 2002 година, пакистанскиот претседател Мушараф вети дека Пакистан повеќе нема да дозволува терористите да дејствуваат од негова територија, но Индија бараше конкретни потези.
Од 26 до 29 ноември 2008 година, десет напаѓачи од пакистанската група Лашкар-е-Таиба изведоа координиран напад во Мумбај. Тие убија 166 луѓе на повеќе локации – од железничка станица и кафулиња до болници и луксузни хотели. Девет напаѓачи беа убиени, а еден беше заробен. Индија тврдеше дека групата имала врски со пакистанската воена разузнавачка служба, што Пакистан го негираше.
Во февруари 2019 година, Индија изврши воздушен напад врз она што го опиша како камп на терористи во пакистанскиот Балакот. Еден ден подоцна, Пакистан изврши контранапад.
Во воздушниот судир, Пакистан собори еден индиски авион и го зароби пилотот, кој по неколку дена беше вратен во Индија, со што се избегна поголем конфликт.
Во април 2025 година, во туристичко место близу градот Пахалгам, во индискиот дел на Кашмир, вооружени напаѓачи убија најмалку 26 луѓе, главно индиски туристи. Индија го нарече нападот терористички и рече дека има „прекугранични врски“, обвинувајќи го Пакистан дека го поддржува. Одговорноста за нападот ја презеде групата Кашмир Резистенс, блиска до онаа што го изврши масакрот во Мумбај.