Хрватска им дава на 18-годишници по 100 евра за културни содржини

Министерството за култура во Хрватска објави јавен повик за проектот „Културна лична карта“, еден вид ваучер од 100 евра за културни содржини за сите лица кои ќе наполнат 18 години во тековната година

Министерството за култура го започна пилот-проектот „Културна лична карта“ со цел да придонесе кон создавање навики за користење културни содржини, создавање нова публика и зајакнување на постојните културни потреби што ќе придонесат за понатамошен развој на културниот и медиумскиот сектор.

Младите лица кои ќе наполнат 18 години помеѓу 1 јануари и 31 декември 2026 година, имаат право да добијат таква картичка, односно пристап до културни и медиумски содржини за износ од 100 евра, кои можат да ги користат до наполнување 19 години.

Културната картичка може да се користи само на продажни места кои нудат културни содржини (музеи, кино сали, книжарници, театри, концертни сали, јавни отворени универзитети, културни центри…)

Цената на билет во Хрватскиот народен театар се движи од 9 до 17 евра додека за ученици, студенти и пензионери е од 6 до 10 евра.

Просечната плата во Хрватска во ноември била 1.498 евра.

 

Back to top button
Close