Хрватски синдикати: Недозволиво е да се условува државната помош со вакцинација

Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска (СССХ) му порача на премиерот Андреј Пленковиќ дека условувањето на државната помош со задолжителна вакцинација е недозволив егзистенцијален притисок врз работниците, што е уставно и правно многу сомнително.

– Идејата на премиерот за губење на поддршката за зачувување на работите места претставува правно, политички и морално неприфатлива форма на притисок врз луѓето кои не сакаат да се вакцинираат, се вели во соопштението на СССХ, реагирајќи на вчерашната најава на Пленковиќ дека невакцинираните работници нема да имаат право на каква било финансиска поддршка од државата, пренесува Хина.

Синдикатите посочуваат дека сè додека вакцинацијата е доброволна, спречувањето пристап на невакцинираните работници до државна помош е „цинично и перфидно префрлање на одговорноста, како и плодна почва за дискриминација“.

Тие предупредуваат дека таквото решение само ќе го отвори патот за неоправдан и незаконски притисок на работодавачите врз работниците, за кој, како што велат, „секако сме сведоци“.

Синдикатот наведува дека меѓу првите повикал на вакцинирање на работоспособната популација и дека тие побарале да се утврдат приоритетните групи на работници и да се имунизираат на организиран и транспарентен начин.

– Но, исто така, работниците не смеат да трпат никакви штетни последици или санкции доколку не бидат вакцинирани, заклучува СССХ.

Back to top button
Close