Хрватските ракометари во Загреб пречекани со песните на Томпсон, во публиката контроверзното знаме и усташки поздрав

Хрватската влада вечерва организираше прием за хрватските ракометари на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб, а на барање на Хрватскиот ракометен сојуз настапи контроверзниот хрватски пејач Марко Перковиќ Томпсон, кој во своите песни ги промовира усташите и усташтвото, додека во публиката можеа да се видат знамиња од времето на НДХ и шалови со усташкиот поздрав „За дом спремни“.

Програмата започна во 18 часот, а пред Томпсон настапија два други бенда, објави хрватскиот портал Индекс, додека песните „Моја домовина“ и „Лијепа ли си“ на Томпсон беа свирени на централниот градски плоштад во Загреб, придружени со факели и хрватски знамиња.

Томпсон им честиташе на ракометарите за освојувањето на бронзениот медал на ЕП во ракомет и го изрази своето задоволство што тие ги пееја неговите песни.

За време на настапот, на една од зградите беше истакнат транспарент со пораката „Обединети против фашизмот“, додека кај публиката беа забележани знамиња со првото бело поле на шаховницата, како во времето на НДХ, наместо црвено, и шалови со натпис „За дом спремни“.

Пречекот на хрватските ракометари гна плоштадот „Бан Јелачиќ“ го организираше хрватската Влада, а одлуката за преземање на организацијата беше испровоцирана од реакцијата на градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, кој настанот го окарактеризира како институционално насилство, напад врз Градот Загреб и обид за соборување на демократски избраната влада во главниот град.

Хравтската влада денеска на телефонски состанок одлучи да ја преземе организацијата на пречекот на ракометната репрезентација, и тоа со песните на Марко Перковиќ Томпсон, еден од најголемите промотори на усташите, чиј настап на јавни површини во надлежност на град Загреб инаку е забранет од градската власт уште кон крајот на минатата година.

Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, изјави дека одлуката за пречек на хрватските ракометари организирана од Владата на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб е неуставен, незаконски и пиратски чин, чие донесување нема апсолутно никаква правна основа.

Синоќа, Хрватскиот ракометен сојуз го откажа приемот организиран од Градот Загреб, бидејќи градските власти не го исполнија барањето на ракометарите Томпсон, на кого му беше забрането да настапува во Загреб поради усташкиот поздрав „За дом спремни“, да настапи.

Back to top button
Close