(Видео) Османи: Очекувам со завршувањето на изборите во Бугарија да се врати рационална дебата и разумот да ги замени емоциите

Европската перспектива е многу поголема и позначајна од одделни политички случувања, расположенија или изборни процеси и затоа сум оптимист и покрај непредвидливоста што е создадена во односите со Бугарија дека сепак ќе се најде начин да се повлече напред процесот на нашето пристапување кон Европската Унија, порача вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Изборите во Бугарија во секој случај ги оптоварија односите помеѓу нашите две држави и нормалната и рационална  комуникација која ја имавме. Очекувам дека со завршувањето на изборите ќе се врати рационална дебата и разумот ќе ги замени емоциите. Се надевам дека заради пандемијата ќе се консолидира политичката сцена во Бугарија и очекувам брзо формирање на институциите што ќе овозможи брзо рестартирање на нормалната комуникација  за изнаоѓање на решение, рече Османи во интервју за ТВ 21.

Иако има доста непредвидливост во резултатите од изборите во Бугарија и многу нови партии, посочи, не гледам дека има било која политичка структура која е антиевропска или е против европската перспектив на регионот и на нашата држава.

-Европската иднина на регионот е многу поважно прашање од  одделните случувања во некои земји-членки, да не беше така ЕУ немаше да постои. Верувам дека и покрај проблемите што во моментов постојат во односите со Бугарија, никој не може да ја спречи европската перспектива на регионот, бидејќи тоа прашање е многу посилно од тие односи. Потребата за прекршување на блокадата е многу посилна од пречките кои постојат во моментов зашто ако оваа година не се направи пробив се повеќе се разводнува идејата со сите можни последици во регионот. Затоа ќе мора сите да се мобилизираме за постигнување на тој пробив оваа година, вклучувајќи ја Бугарија, вклучувајќи не нас, земјите-членки и ЕУ, нагласи Османи.

Очекува да направиме исчекор во јунско-јулскиот самит на ЕУ и смета дека невлегувањето на партијата на Красимир Каракачанов во бугарскиот Парламент праќа добра порака до сите политички чинители кај источниот сосед дека народот е против спречувањето на нашата европска перспектива.

-Пораката од народот е важна во смисла дека спречувањето на европската перспектива на Северна Македонија не е тоа што бугарските граѓани го посакуваат, бидејќи тоа беше основниот наратив на партијата на Каракачанов. Фактот што не ја доби поддршката од бугарските граѓани е најсилна порака која произлезе од изборите. Народот не е против европската перспектива и бара начин за зближување и соработка меѓу двете држави. Мислам дека тоа ќе се пренесе и во политичките ставови на партиите кои добија глас од граѓаните, рече Османи.

Според него, се покажа дека е мудра одлуката земјава да не влезе во приказните на одредени радикални политички играчи во кампањата во Бугарија.

-Простор за решение има само треба да бидеме мудри и во рационална конверзација преку рационален пристап и растовареност од дневно-политичките прашања да изнајдеме решение со поддршка на нашите пријатели од меѓународната заедница. Мора прво да почнеме со создавање на доверба со Бугарија, а тоа ќе го направиме преку враќање на одредбите од Договорот за добрососедство и на секторската соработка. Откако ќе се подобри амбиентот и меѓусебната доверба ќе најдеме начин како да ги надминеме прашањата кои сега ни изгледаат ненадминливи. Нашиот пристап е да се одржи меѓувладината средба независно дали пред или по формирање на влада во Бугарија, бидејќи тоа е институционална проценка, порача Османи и додаде дека е неопходно да направиме акциски план како да продолжиме понатаму.

Back to top button
Close