Хуман гест на Суад Мисини: Семејната куќа станува „Пристаниште“ за ранливи категории

Аналитичарот Суад Мисини и неговиот син Исак објавија благородна иницијатива во спомен на нивната прерано почината сопруга и мајка, Азбија Мемедова. Тие одлучија нивната семејна куќа да ја донираат и да ја претворат во добротворен центар – „Пристаниште“ за деца без родители, жртви на семејно насилство и социјално загрозени категории.
Ова место е замислено како безбеден простор каде ранливите групи на кои Азбија им го посвети својот живот, ќе добијат поддршка, престој, еколошки хаб и обуки кои ќе им послужат како отскочна даска за понатамошниот живот.
За реализација на овој проект, Мисини упати јавен повик за поддршка:
Повик до архитекти бидејќи потребна е иницијална донација во вид на проект за рехабилитација и адаптација на куќата.
Сите кои сакаат конкретно да помогнат можат да го контактираат Суад Мисини директно.
Повикот е отворен и за споделување на објавата со цел побрзо наоѓање на потребните соработници.
Имињата на сите кои ќе придонесат за ставање на „Пристаниште“ во функција ќе бидат истакнати на самиот влез. „Знаеме дека нема да биде лесно ниту брзо, но ние ќе успееме во нашата замисла“, порача Мисини, нагласувајќи дека мисијата на Азбија за праведен свет ќе продолжи да живее низ овој хуманитарен проект.






