Human Rights Watch: Израел користел забрането оружје во нападот врз Либан
Организацијата за човекови права Human Rights Watch (HRW) денеска соопшти дека израелската армија незаконски употребила муниција со бел фосфор во селото Јохмор на југот на Либан.

Меѓународната невладина организација наведува дека нејзините истражувачи до овој заклучок дошле по проверка и геолокација на седум видеа кои прикажуваат како муницијата со бел фосфор експлодира во воздухот над стамбените делови на градот на 3 март.
Белиот фосфор е високо токсичен и создава облаци на фосфорен пентоксид, кои потоа реагираат со влагата во воздухот или во човечките бели дробови и формираат фосфорна киселина. Армиите го користат белиот фосфор за сокривање на операции и тој не се смета за хемиско оружје според Конвенцијата за хемиско оружје, но неговата употреба против луѓе во цивилни средини се смета за прекршување на Протоколот III од Конвенцијата за одредено конвенционално оружје.
Незаконската употреба на бел фосфор од страна на израелската армија над стамбените подрачја е исклучително загрижувачка и ќе има сериозни последици врз цивилите“, изјави Рамзи Каис, истражувач за Либан во Human Rights Watch.
HRW и претходно го обвинуваше израелското воено командување дека употребувало муниција со бел фосфор во Газа и Либан, обвинувања кои израелската армија ги негираше.





