Хуманоста во служба на детското здравје – Фондацијата д-р Верица Механџиска овозможи проширување на Одделот за психофизиологија при ЈЗУ Клиника за детски болести.
Вчера се одбележа официјалното отворање на новите простории на ЈЗУ Клиника за детски болести- Скопје – Оддел за Психофизиологија, кои изминатиов период беа во фаза на реновирање во објектот Мајчин дом.

На овој начин одделот ги прошири своите просторни капацитети, со што значително се унапредуваат условите за работа услугите за децата со развојни тешкотии и нивните семејства.
Со проширувањето се овозможува подобра организација на дијагностичките и терапевтските активности, како и обезбедување посеопфатна стручна поддршка во областа на детскиот развој. Новите простории овозможуваат попријатна и пофункционална средина за работа на стручниот тим и за престој на пациентите.
Овој чекор претставува значаен придонес кон континуираното унапредување на квалитетот на здравствената заштита, со фокус на раната детекција, навремената интервенција и сеопфатната грижа за менталното и развојното здравје на децата со заостанување во психомоторниот развој и аутизам.
Фондацијата Д- р Верица Механџиска се јавува како најголем донатор во реализацијата на овој значаен проект со помош на средствата обезбедени од котизациите на учесниците во хуманитарната трка “Зегин Спектратон- трка на херои во сите бои”.
Хуманитарната трка оваа година се одржа по трет пат а иницијативата на оваа трка е да се подигне свесноста на граѓаните и општествено одговорните компании за лицата со нарушувања од аутистичниот спектар. Покрај собраните котизации, Фондацијата Д-р Верица Механџиска континуирано учествува со дополнителни средства за донации за оваа категорија на граѓани.






