И активистката Мерсиха Смајловиќ е кандидат за претседател на државата

Расте бројот на кандидати за претседател на државата. Досега се пријавиле девет кандидати, што е најголем број во историјата на независна Македонија.

Меѓу кандидатите е и хуманитарнатс активистка, Мерсиха Смајловиќ, од редовите на Бошњачкиот демократски сојуз.

Смајловиќ е ангажирана бо застапувањето за човековите права, борбата против дискриминацијата, заложбата за родовата еднаквост, правата на етничките групи.

На прес-конференција на која беше промовирана нејзината кандидатура, таа рече дека иако првпат бошњачката заедница има свој претседателски кандидат, нејзината етничка припадност не ја одредува во политички контекст и нејзината програма и заложби ќе бидат за подобра иднина на сите луѓе во нашето мултиетничко општество и дека и фокусот во кампањата ќе биде на сите граѓани на државава.

-Впрочем, својот активизам сум го докажала и партијата со своите заложби докажала дека нашите напори ќе бидат за сите граѓани на оваа држава… Мојата замисла и замислата на партијата е оваа кампања да ги претстави сите важни проблеми и предизвици коишто ги имаат граѓаните на нашата држава и да понудиме реални решенија коишто ќе бидат вистинити и функционални, а не само политички памфлети коишто ќе го поминат денот. Наша цел во текот на кампањата е да ги слушаме граѓаните, како што ги слушавме во изминатиот период, и да одговориме на нивните наједноставни прашања кои го засегаат нивниот живот. Да го направиме животот подобар за сите нив и да нудиме перспективи коишто ќе го направат многу поедноставен животот и многу поприфатлив. Мојата идеја на внатрешен план е да ја зајакнеме кохезијата, а на надворешен план да ги зајакнеме добрососедските односи и односи со нашите стратешки партнери, но да се водиме исклучиво од тоа што е во интерес на граѓаните, истакна Смаиловиќ.

Јавноста ја знае и околу нејзините залагања за правата на бегалците, борбата против исламофобијата. Таа беше активно вклучена во бројни хуманитарни мисии на глобално и локално ниво.

Мерсиха дипломирала на Правниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Таа е сопственичка на компанијата за финансиски и правни услуги „Нахла консалтинг“ каде моментално е со редовен работен ангажман.

Back to top button
Close