И Алијанса ја одби поканата на Беса да биде дел од опозискиот фронт 

Од Алијанса за Албанците во врска со поканата на лидерот на Беса Билал Касами велат дека од него не очекуваат да излезат големи зборови, туку само пораки за поделби, додека, пак, од т.н. „огнена група“ ја поздравија иницијативата на Алтернатива и Беса за опозициски фронт, но, велат дека својата битка ќе ја продолжат внатре во ДУИ

Пратеничката група на Алијанса за Албанците во Собранието, која е дел од владиното мнозинство, ја одби поканата на лидерот на Движењето Беса и актуелен градоначалник на Тетово Билал Касами да се приклучи на т.н. опозициски фронт. Според пратениците на Алијанса за Албанците поканата на Касами предизвикува поделби, објави ТВ Алсат.

 

Опозициските Беса и Алтернатива на Африм Гаши во петокот во Собранието потпишаа политичка декларација за соработка, како прв чекор кон создавање на опозициски фронт. По потпишувањето на декларацијата тие најавија дека се остава простор и на другите политички групи и формации да се придружат на иницијативата.

„Билал Касами, Алијанса за Албанците не е само пратеничка група, не се само пратеници, а уште помалку група платеници што ги нарекувате контакти со членството на Алијанса за Албанците. АА е цела политичка структура со својата хиерархија и политичка структура која се протега во секој град, село, маало, од Липково до Битола. Од твојата маленкост како политичар не очекуваме да излезат големи зборови, туку само зборови со пораки за поделби и да се каже дека не си подготвен за големи работи“велат од пратеничката група на Алијанса за Албанците.

Од друга страна пратеникот на Беса, Фадил Зендели, вели дека опозицискиот фронт не е само за двете партии Беса и Алтернатива, туку е отворен за сите пратеници, невладини организации и експерти кои сакаат промени во албанската политичка сцена. Според него, Алијанса веќе си го определила својот пат.

„Добра намера на претседателот Касами беше оваа опозициска група да биде што поширока, но реално претседателот на Алијанса за Албанците претходно изјави дека имаат намера да имаат заеднички листи со ДУИ. Можеби тие го избрале својот пат. Тие за нивната работа, ние за нашата“вели Зендели, пренесе Алсат.

 

Back to top button
Close