И Алијанса на Таравари го оспорува законот за „Безбеден град“ пред Уставниот суд


И Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари поднесе иницијатива до Уставниот суд со која се оспорува уставноста на измените на Законот за прекршоци. На два дена пред стартот на системот „Безбеден град“, ова е трета иницијатива со која се оспорува уставноста на законот.

Уставниот суд веќе формира предмет по иницијативите на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села и од Илир Пачуку во кои се оспоруваат измените на Законот за прекршоци, во делот кој се однесува на воспоставувањето и функционирањето на електронскиот систем за надзор во сообраќајот, познати како „Безбеден град“.

Пратеникот Халил Снопче рече дека го оспоруваат Законот во делот на нееднаквата примена на системот „Безбеден град“ бидејќи тој ќе се спроведува само во Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10, а не и на целата територија на земјава.

Иницијативата, како што вели, ја поднеле денеска бидејќи чекале Законот за прекршоци и официјално да стапи во сила.

„Членот 9 од Уставот гарантира еднаквост на сите граѓани. Примената само во три града не нуди еднаквост на граѓаните“,

кажа Снопче.
Според АА на Таравари, секој закон мора да биде правичен, еднаков и да обезбеди исти права за сите граѓани, без исклучок.

Back to top button
Close