И Бујар Османи како претседавач со ОБСЕ имал инцидент со блокиран ГПС над Бугарија пред две години

Според албанскиот портал „Јавањуз“, станува збор за два идентични случаи, кои се разликуваат само во тоа што последниот со претседателката на Европската комисија веднаш беше споделен со јавноста, додека оној со Османи бил разгледуван само интерно и останал скриен од јавноста

Актуелниот случај со авионот на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, кој беше принуден да слета во Пловдив без ГПС-навигација, не бил единствениот таков со воздухоплов во кој се превезувал висок функционер. Албанскиот портал „Јавањуз“ (Javanews) денеска објави дека идентичен инцидент се случил и пред две години со службениот авион на Бујар Османи, поранешен министер за надворешни работи на земјава и тогашен претседавач со ОБСЕ, а сега актуелен кандидат за градоначалник на Чаир на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ.

Повикувајќи се на добро информирани извори, порталот пишува дека авионот со кој патувал Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ, како и во случајот со Фон дер Лајен, целосно го загубил ГПС-сигналот во додека прелетувал низ бугарскиот воздушен простор.

Инцидентот, кој првпат се споменува јавно, се случил во февруари 2023 година, додека Османи се враќал од официјална мисија на ОБСЕ во Молдавија.

 

Пилотите, како што се наведува, биле принудени да ги користат рачните (мануелни) системи за навигација, како и печатени мапи, односно ги следеле истите протоколи за итни случаи што ги користеле и пилотите во авионот на претседателката на ЕК при слетување на аеродромот во Пловидив.

Според „Јавањуз“, станува збор за два идентични случаи, кои се разликуваат само во една работа. Последниот со претседателката на Европската комисија веднаш беше споделен со јавноста, додека за оној со Османи не стигна информација ниту од ОБСЕ, ниту од Европската Унија, ниту од НАТО. Инцидентот со авионот на Османи од 2023 година, како што пишува порталот, бил разгледуван интерно и останал скриен од јавноста.

Сличности меѓу двата инциденти, според неименуваните извори на порталот, се впечатливи бидејќи и двата вклучуваат високи политички функционери, се случуваат во бугарскиот воздушен простор, како и дека пилотите биле принудени да користат рачни инструменти наместо високотехнолошките системи за навигација поради сомневање за намерно блокирање на ГПС-сигналот.

„Два такви инциденти, кои се случуваат на високи функционери во истиот коридор за лет, јасно укажуваат на системска ранливост“,изјавил за порталот европски аналитичар за воздухопловна безбедност.

(…)

„Доколку ова беше објавено во 2023 година, веднаш ќе генерираше бран дипломатски истраги. Тоа што не беше пријавено е едноставно неверојатно“,вели висок европски функционер за безбедност за порталот..

Повеќе

Back to top button
Close