И четири дена од инцидентот, полицијата не може да ги најде советникот Нефи Усеини и брат му
И по четири дена од инцидентот, полицијата сеуште не може да ги најде советникот Нефи Усеини и неговиот брат за кои вчера Судот одреди мерка притвор од 8 дена за насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски.
Засега, на веб страницата на МВР во делот на потраги нема податок за распишана домашна или меѓународна потерница бидејќи за распишување на потерница е потребна наредба од судот велат од МВР. Досега такво барање не е доставено.
„За распишување на потерница потребна е наредба од судот.Но, СВР Охрид има распишано локален распис и кога лицата ќе бидат пронајдени ќе бидат и приведени.“ – велат од МВР.
Браќата Усеини, се товарат за насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски. Според тврдењата на Топалоски во вторникот на пладне пред познат хотел во Охрид бил нападнат од советникот Нефи и неговиот брат со пиштол по главата, а истиот пиштол бил вперен и кон неговиот малолетен син.
Овие тврдења беа констатирани и од снимките на надзорните камери од хотелот, па полицијата во средата поднесе кривични пријави против Усеини под сомнение дека ги сториле кривичните дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали“.
По кривичната пријава вчера и основното јавно обвинителство од Охрид отвори предмет за овој случај, а судот одреди мерка притвор од 8 дена.
Полицијата по наредба на Јавен обвинител изврши и претрес во домовите на двајцата осомничени. Од СВР Охрид велат се спроведуваат мерки за пронаоѓање на браќата Усеини и целосно расчистување на случајот.
Извор: тв24