И дијаспората на државни јасли


Ивица Челиковиќ

Речиси ниедна иницијатива во последените децении што доаѓа од политичките кругови во Македонија за ангажирање или наградување на поединци во дијаспората што дале придонес за промовирање на татковината, не поминала без да биде проследена со длабоки контроверзи. Има ли основ да се верува дека и оваа најново „прегрнување“ на заслужни истакнати личности во дијаспората, кои како награда добија т.н. МКарта, го очекува таква судбина?

Проектот МКарта претставува мрежа, – како што тврдат во Министерството за надворешни работи (МНР), – на „наши квалитетни поединци во дијаспората“, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во странство, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат Македонија. Но целосен список на 69-те заслужни македонски државјани што на брза лента на аеродромите ќе можат да ја поминуваат процедурата и кои ќе добијат бесплатен влез во културни институции, засега не е објавен. Не е обелоденето ни по кои критериуми се одбрани личностите и какви заслуги за Македонија имаат направено.

Во Македонија од година во година се случува вистински наплив од нововостановени награди и признанија во разни области. Се добива впечаток дека се креира амбиент во кој ќе биде оправдана потребата од еден таков сигнификантен пораст, каде што наградувањето едноставно следи интензивен тренд на високи дострели, сензационални успеси и изненадувачки творечки резултати за кои постоечките од поодамна етаблирани награди едноставно не се доволни. Неретко се чини дека наградите се измислуваат и лансираат преку ноќ само за некој поединец, кој од некакви нејасни прични “неправедно“ бил заобиколуван, да може да биде награден и неговото име барем за миг да се појави во медиумите.

Сериозниот пристап при вреднувањето на вистинскиот квалитет на делата, на постигнатите особени резултати, успеси и заслуги, сè помалку претставува предизвик во едно длабоко исполитизирано општество какво што е македонското. Критериумите се филтрираат со низа недоследности низ матната вода на дневно политикантските комбинаторики и манипулации.

Случајот со МКарта, беше пречекан со нагласено медиумско интересирање како интересна вест, но би било уште поинтересно кога Бујар Османи и МНР би ги објавиле имињата на заслужните и посебно истакнати поединците во дијаспората, за да се види кои се тие што биле „детектирани“ од дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП). Можеби тоа ќе поттикне и други поединци да се „борат повеќе“ и на „најдобар можен начин да ја претставуваат Северна Македонија во новата средина во која живеат“.

Во кои земји, каде живеат и работат тие истакнати 69 личности во дијаспората? Дали со МКарта МНР наградува поединци кои се истакнале со личен труд главно во рамки на нивниот професионален ангажман како научници, лекари, бизнисмени и културни работници? Може ли да се види малку поблиску со какви проекти и активности се истакнале во редовите на организираниот живот на македонската дијаспора? Дали квалитетот на сработеното и постигнатите конкретни резултати во оваа област, како „посебен придонес за подобрување на односите на Република Северна Македонија со дијаспората или државата во која престојувааат“, се основниот критериум во „интерниот правилник“ на МНР за доделување на ваков вид признание?

Од делот од имињата што МНР сепак ги објави, може да се забележи дека меѓу петнаесетмината носители на МКарта речиси рамноправно, со по 50 отсто, учествуваат иселеници Македонци и Албанци. Околу тоа секако би можело да се дискутира, но не е воопшто спорно дека македонската дијаспора, се разбира, ја сочинуваат припадници на сите етнички заедници во Македонија. Таков е случајот, на пример“ со деветте „детектирани“во Норвешка, каде што очигледно е применет методот на меѓуетничка албанско-македонска терезија во изборот на имињата. Но во соседна Шведска, во која живее далеку побројна македонска дијаспора, позната по своето петдецениско организирано работење за афирмација на сето она што се нарекува македонска култура, не е „детектиран“ ниту еден поединец достоен да добие МКарта.

Меродавен одговор зошто е тоа така, би требало да се очекува од Бујар Османи. Но уште повеќе би требало од него да се очекува објаснување што тој подразбира под „промовирање на Македонија“, кога е во прашање ангажманот и дејноста што ја остваруваат македонските иселеници и „нивната активна улога во промоција на нашата држава во странство“?

Ангажирањето во работата на македонските иселенички организации станува сè повеќе компликувано. Македонија како држава, можеби најмногу поради скромните буџетски средства, но не и само поради тоа, не развива консекевента иселеничка политика која би претставувала барем делумна поддршка на напорите што се прават во дијаспората за натамошното опстојување на македонската организирана дејност. Како се вика министерот задолжен за дијаспора во актуелната македонска влада? И што тој всушност работи? Или, пак, таа улога сè повеќе ја презема шефот на МНР?

Што се однесува до „брзата лента“ на македонските воздушни пристаништа за зазлужните поединци од дијаспората, прашање е колку ќе се офајдат од тоа, имајќи предвид дека чекањето на граничните премини на аеродоромот Скопје најчесто трае по неколку минути. Се разбира, ништо не би требало да се потценува, но на мислење сме дека министерот Османи ќе направеше многу подобра услуга доколку на носителите на МКарта им овозможеше да куртулат од чекање со часови и денови да за вадење пасоши, лични карти и други неопходни документи, посебно во периодот на летните годишни одмори кога иселениците најчесто доаѓаат во татковината. Нема никакво сомневање дека „брзата лента“ пред нечовечното малтретирање пред македонските шалтери би ја посакале и многумина други. Можеби би вредело во иднина во МНР да рзмислат за тоа?

А што се однесува до иселениците што очекуваат или се надеваат на признанија и награди од татковината, останува отворено прашањето дали тоа во иднина, зависно од една или друга политичка партија, би можело да се претвори и во друг вид наградување, материјално и малку „поопипливо“? На државни јасли веќе живее енормна бројка македонски граѓани, па зошто меѓу нив да не се вброи, а што и порано се случувало, и понекој смртник од дијаспората, прецизно „детектиран“ од министреско око.

Back to top button
Close