И ДУИ подготвува свој кандидат за градоначалник на Скопје

И „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ ќе има свој кандидат за градоначалник на Скопје. Од ДУИ ТВ „24“ велат ќе го официјализираат во наредните десетина дена по внатрекоалициски преговори.

– Размислуваме и ќе имаме свој кандидат за град Скопје. Во тек се внатрекоалициските преговори и неколку имиња веќе се во игра . Со нашите коалициски партнери секогаш сме имале договор и веруваме дека и овој пат ќе биде така . Името ќе биде познато за недела до две . Скопје заслужува да има и кандидат од Европскиот фронт кој на локалните избори веќе ќе настапи и со ново име на здружената и голема коалиција.

Неофицијално, извори од ДУИ велат дека Европскиот фронт најверојатно ќе прерасне во „Алијанса за национална интеграција“, но за тоа дополнително ќе информираат. Одлуката на опозицијата во политичкиот блок на македонските Албанци доаѓа откако претходно свои кандидати за град Скопје номинираа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа значи дека со Орце Ѓорѓиевски, Каја Шукова и кандидатот на „Вреди“, битката за Скопје ќе ја води и кандидатот на Европскиот фронт, под новото име на коалицијата, за која најавуваат и дека ќе се прошири, пишува ТВ „24“.

Back to top button
Close