Иџет Мемети за ТВ21: Не сум направил ништо незаконско, не го познавам Боро Стојчев

Второосомничениот во аферата за примање поткуп од 10 илјади евра, Иџет Мемети вели дека не е вмешан во овој случај. Тој во изјава за ТВ21 вели дека воопшто не го познава синот на поранешниот претседател Боро Стојчев и дека не направил ништо незаконско.

Никогаш не сум го видел, ниту го познавам. Во овој момент, не само што мислам, убеден сум дека не е коректно да зборувам повеќе за овој процес, бидејќи тоа треба да се остави на органите на правдата, кои на професионален начин ќе ја водат истрагата до крај. Имам целосна доверба во властите, но морално и за мене е многу важно да ве информирам вам и јавноста дека со најголема одговорност изјавувам дека не сум направил ништо незаконско. Тоа ќе биде потврдено во текот на постапката, вели Иџет Мемети.

Рочиштето за овој случај се очекува да продолжи утре во Кривичен суд, каде треба да биде присутен и Мемети.

ТВ21: Дали се очекува утре да се појавите на суд бидејќи е побарана мерка за безбедност, односно одземање на патната исправа и постојано пријавување во судот?

Мемети: Судот има можност и право да бара присуство и тоа без никаков проблем ќе биде овозможено.

ТВ21: Дали претходно имаше претрес кај вас дома и дали е пронајдено нешто?

Мемети: Да, вистина е, но не е пронајдено ништо. Не е добро да зборувам повеќе!

Првоосомничениот, судијата Наке Георгиев е приведен. Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на вчерашната седница ги информираше колегите за кривичната постапка покрената против Георгиев, за неговото суспендирање, преземените активности и соработката со надлежните институции во врска со случајот. Обвинителството се сомнева дека двајцата правосудни функционери ветиле поблаги мерки за Стојчев, обвинет во случајот познат како Чибук, за шверц на марихуана а за возврат да присвојат 10.000 евра.

Back to top button
Close