И книгата на Џулијан Мур засегната од чистката против ДЕИ-доктрината во САД
Додека Администрацијата на Доналд Трамп забранува одредени книги за деца, и американската глумица и писателка Џулијан Мур најде свое дело на таа забранета листа. Имено, таа откри дека нејзината книга „Пегавата јаготка“ (Freckleface Strawberry) од 2007 година била забранета од Министерството за одбрана на САД во неодамнешната „чистка“ којашто опфаќа книги поврзани со расата, полот и сексуалноста, по извршната наредба на американскиот претседател Трамп.
„За мене е голем шок тоа што дознав дека мојата прва книга, ‘Пегавата јаготка’ е забранета од Администрацијата на Трамп во училиштата управувани од Министерството за одбрана. ‘Пегавата јаготка’ е полуавтобиографска приказна за седумгодишно девојче кое не ги сака своите пеги, но на крајот ќе научи да живее со нив кога ќе сфати дека е поинаква ‘исто како и сите други’,“ напиша глумицата на Инстаграм.
Мур е особено огорчена затоа што е „горд дипломец на Американското средно училиште во Франкфурт“, коешто некогаш функционирало во Германија, која пораснала со татко – ветеран од Виетнам кој ја минал својата кариера во Армијата на САД.
„Не можев да бидам погорда на него и неговата служба за нашата земја. За мене е грозно да сфатам дека децата како мене, кои растат со родител кој служел и посетуваат училиште на @dodea_edu (училишна програма за децата на американките воени лица, з.п.), нема да имаат пристап до книга напишана од некој чие животно искуство е толку слично на нивното. И не можам а да не се прашам што е толку контроверзно во оваа сликовница што предизвикува таа да биде забранета од Владата на САД. Навистина сум тажна и никогаш не сум помислила дека ќе го видам ова во земја каде слободата на говорот и изразувањето е уставно право“, додаде Мур.
Инаку, детската книгата „Пегавата јаготка“, според описот на авторката, е: „За мало девојче кое беше исто како и сите други. Таа имаше седум години. Беше ниска. Можеше да вози велосипед. Таа беше иста како и сите други, освен една работа. Имаше црвена коса. Но, и полошо… ПЕГИ!“
Министерството за одбрана претходно извести дека е во тек „преглед на усогласеноста“ на книгите коишто можеби содржат „радикална индоктринација“, во рамки на кампањата против трансексуално-инклузивната ДЕИ-доктрина во САД.