И напад врз здравствен работник ќе се смета за напад врз службено лице, најави Филипче

 

Во измените во Кривичниот законик, покрај врз новинар, и напад врз лекар или друг здравствен работник за првпат ќе се смета за напад врз службено лице.

Во законот, според најавата на министерот Венко Филипче, ќе има посебни кривични дела за присилба и загрозување на сигурност на лекари и здравствени работници.

„Во истиот закон како кривично дело ќе се внесе и спречување на лекарите и здравствените работници во вршење службено дејствие. На овие законски измени, неколку месеци работевме со Лекарската комора и Министерството за правда. Лекарите и здравствените работници ја вршат најхуманата работа на светот и секој од нас треба да биде свесен за улогата која ја имаат. Понекогаш во нивната работа постојат предизвици кои не се во нивни домен и не можат да ги надминат, но тоа не значи дека треба животот да им биде доведен во ризик. Почитувањето меѓу лекарите, здравствените работници и пациентите е заемно“, вели Филипче.

Вчера министерот за правда, Бојан Маричиќ, најави дека измените ќе опфатат и напади врз новинари кои ќе се сметаат за напади врз службени лица.

Во однос на медиумските работниците предвидени се и измени во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета со кои новинарите ќе плаќаат максимални 400 евра отштета за клевета и навреда по изгубен судски спор, за разлика од досегашното решение, каде оваа сума изнесуваше 2 000 евра. За уредниците, надоместокот на штета нема да биде поголем од 2 000, што во постојниот закон е 10 000 евра. За правното лице пак, од 15 000 евра, износот се намалува на максимални 5 000 евра отштета.

 

Back to top button
Close